Од СДСМ повикаа да се гласа за буџетот, „кој е во интерес на граѓаните, државата и економијата“, а од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека тој е „неразвоен, предизборен и расипнички“
Буџетот за идната година е фокусиран на инвестициите во човечкиот капитал, бидејќи како земја сме исправени пред најголемиот предизвик, а тоа е како да ги задржиме нашите граѓани во земјата, да им понудиме подобри услови за живот и да придонесеме тие да бидат посреќни и помотивирани на нивните работни места. Вака министерката за финансии Нина Ангеловска го бранеше буџетот за следната година пред собраниската комисија за финансирање и буџет. На комисиската расправа ѝ претходеа и тематски прес-конференции на власта и на опозицијата, но со сосема спротивставени пораки, какви што, впрочем, беа и тие што беа изнесени од страна на членовите на комисијата. Од СДСМ повикаа да се гласа за буџетот, „кој е во интерес на граѓаните, државата и економијата“, а од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека тој е „неразвоен, предизборен и расипнички“.
– Зоран Заев и Нина Ангеловска го скроија најголемиот, најрасипничкиот, најкоруптивниот буџет во историјата на независна Македонија. Удираат по џебот на граѓаните, собираат пари за луксузирање, а капиталните инвестиции им се помали и од најлошите години. Власта за 2020 година предвидува да потроши неверојатни четири милијарди евра. Буџетот за идната година е поголем за 200 милиони евра од буџетот за оваа година, а сумата што се одвојува за капитални инвестиции и процентуално и номинално е помала од сумата што беше предвидена за оваа година – изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Тој додаде дека, според него, неопходни се проекти за оспособување на младите луѓе. Исто така посочи дека се намалуваат капиталните инвестиции иако расте буџетот и истакна дека, наместо за изградба на автопатишта, железници и гасоводи, буџетот за идната година е скроен за изборен поткуп.
Инаку, министерката Ангеловска во своето образложение пред пратениците истакна дека следната година Владата ќе инвестира во подобро здравство, подобро образование, подобра социјална грижа и воопшто во подобри услови за живот на сите граѓани.
– Индексот на човечки капитал во нашата земја изнесува 0,53, ова значи дека денешните деца кога ќе пораснат, ќе користат само 53 отсто од својот потенцијал, во согласност со условите што им се обезбедуваат. Економскиот пораст во 2020 година е проектиран на 3,8 отсто. Стапката на инфлација се очекува да остане ниска, односно 1,7 отсто. Ова е реален буџет, кој ги лоцира приоритетите и ги алоцира парите на граѓаните онаму каде што ќе дадат најдобар ефект и најдобри резултати – рече Ангеловска.
Според Ангеловска, ќе има мало релаксирање на даночната политика, со кое се очекува поголем даночен опфат, фер и олеснети административни процеси и поддршка на приватниот сектор, што треба да резултира, според министерската, со намалување на даночната евазија, како и јакнење на механизмите за намалување на неформалната економија.
За расходите министерската истакна дека се во функција на редовно и навремено исполнување на обврските, за поддршка на домашната економија, на приватниот сектор и граѓаните, како и инвестиции во човечките потенцијали.
– Забрзана реализација на инфраструктурните проекти, поттикнување странски инвестиции и иновативност на домашните компании, поддршка на политиките за пораст на економијата и на животниот стандард на населението, како и приоритетот за интегративните процеси на Македонија во ЕУ и обврските што произлегуваат од членството во НАТО. Во оваа насока е обезбеден највисокиот буџет досега, од десет милијарди денари за Министерството за одбрана како предводник на реформските активности, во постигнување на стратегиската цел на државата, членство во НАТО – објасни Ангеловска.
Таа ги наброја и инфраструктурните проекти што ќе се реализираат, како што се продолжување на реализацијата на источниот дел од железничката пруга на Коридорот 8, поточно делницата Куманово – Бељаковце – Крива Паланка, голем број патни правци, гасификација и слично.
Министерката нагласи дека за идната година ќе биде потребно задолжување од бруто 985 милиони евра, за покривање на дефицитот, но и за отплата на стари долгови. Но нето-задолжувањето ќе изнесува 320 милиони евра.
– Проектираниот буџетски дефицит за 2020 година изнесува 17,4 милијарди денари, односно 2,3 отсто од БДП, во согласност со определбата за постепена фискална консолидација, која ќе придонесе за одговорно располагање со парите на граѓаните. Притоа, покрај за покривање на дефицитот, ќе бидат потребни и 43,2 милијарди денари за отплати на долгови, со што вкупните потреби за финансирање во 2020 година изнесуваат 60,6 милијарди денари или 985 милиони евра. Овие средства ќе се обезбедат преку комбинација на задолжување во странство и на домашниот пазар – рече Ангеловска.
Таа кажа и дека задолжувањето во странство може да се реализира преку издавање еврообврзница на меѓународниот пазар на капитал и преку повлекување средства од поволни кредити од странски финансиски институции и кредитни линии наменети за финансирање одделни проекти.
– Задолжувањето на домашниот пазар ќе се реализира преку краткорочен домашен кредит, како и преку издавање државни хартии од вредност, со што ќе се обезбеди дополнително финансирање под поволни услови, користејќи ги историски ниските каматни стапки и високиот интерес на инвеститорите. Сумирано, нето-задолжувањето, односно разликата меѓу ново задолжување и отплата на стари долгови во 2020 година ќе изнесува 19,7 милијарди денари – истакна на крајот министерката.