Mинистерот за земјоделство шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, заедно со градоначалникот на општина Кавадарци, Митко Јанчев, имаше работен состанок во Кавадарци со претставници на здруженијата на лозарите и винарските визби.
На состанокот министерот информираше за новата дополнителна интервентна мерка за откуп на грозје, која претходниот ден беше договорена на состанок со владиниот економски совет, на кој беше присутен и премиерот Зоран Заев.
Со оваа дополнителна интервентна мерка Владата ќе одвои допплнителни 4 денари за килограм предадено грозје наменето за преработка, а средства ќе се обезбедат од ковид-програмата на Владата.
– Освен мерките кои ние ги предложивме претходно, за да се достигне ланската цена на грозјето и поддршката за извозот на флаширано и наливно вино, која беше наменета за супституција во транспортот, денес ја претставивме и новата мерка која ја преземаме поради квалитетот на грозјето кое има под 18 малигани, ние дополнително како Влада ќе помогнеме со дополнителни 4 денари за тоа грозје кое не е наменето за вино, туку ќе има друга намена, како на пример за вински дестилат или за концентрат за сокови“ – изјави министерот Хоџа.
Претходно договорените 2 денара за вранецот и смедеревката остануваат да важат и ќе бидат исплатени од Програмата за директни плаќања и 2 денара субвенција за откупено грозје, средства кои ќе бидат исплатени до крајот на оваа година преку владината ковид-програма. Остануваме на супституција на транспортот со 20 отсто на транспортните трошоци за наливното вино и 30 проценти супституција за флашираното вино.
Дополнително за извозот, за откупени до 12 милиони килограми државата ќе субвенционира 2 денара, ако се откупени и извезени надвор од државата помеѓу 12 и 25 милиони килограми ќе добијат 3 денари, а ако откупат и извезат повеќе од 25 милиони килограми ќе добијат 4 денари субвенција.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство продолжува да работи во интерес на сите чинители на секторот. Со заеднички труд и заложби ќе продолжиме во насока на стабилно, конкурентно и развиено земјоделство.