Упатените во осигурителниот бизнис велат дека секоја година стигнуваат вакви најави за намалување на цената на зелениот картон, но дека тоа досега не се остварило, а речиси секогаш ваквите најави ги дознаваат од медиумите
ЗЕЛЕНИОТ КАРТОН ПАК НА КРСТОСНИЦА
Новата најава за поевтинување на зелениот картон стигна од Владата, иако осигурителните компании немаат никакви информации и тврдат дека во актуелната ситуација нема никаква основа за поевтинување на оваа услуга.
Згора на тоа, информацијата за можно поевтинување ја дознале од медиумите и никој не контактирал, ниту, пак, разговарал со нив за модалитетите како би можело да се дојде до пониска цена на оваа услуга.
Добро познат факт е дека македонските граѓани плаќаат најскап зелен картон во регионот, а ситуацијата со пандемијата само дополнително ја намали побарувачката на ваквото осигурување, така што неизвесно е како ќе се дојде до пониска цена кога и приходите по оваа основа кај осигурителните компании се значително намалени.
– Ќе воведеме европски стандарди во осигурувањето од автомобилска одговорност преку намалување на цената на чинење на зелениот картон, како производ на либерализирањето на цената на автоодговорност и решaвање на проблемот со неосигурени возила – се посочува во владината програма.
И граѓаните се скептични дека нешто ќе се случи на ова поле, бидејќи, како што велат, секоја влада на почетокот на својот мандат ветувала намалување на цената на зелениот картон, а потоа брзо заборавала на ветувањата.
– Барем јас се сеќавам дека последните најмалку десет години пред секое лето ќе се вети намалување на цената на зелениот картон, па потоа ништо не се случува. И натаму плаќаме скап зелен картон, бидејќи полза од тоа имаат и осигурителните компании, но и државата, па затоа ништо не очекувам и од оваа најава – вели Методија Сотировски, приватен превозник.
Тој додава дека можеби би било добро сите возила да добиваат зелен картон при регистрацијата, но цената да биде околу десет евра.
Упатените во осигурителниот бизнис велат дека секоја година стигнуваат вакви најави за намалување на цената на зелениот картон, но дека тоа досега не се остварило, а речиси секогаш ваквите најави ги дознаваат од медиумите.
– Добар дел од парите добиени по основа на вадење зелен картон завршува во буџетот на државата. За да се намали цената на зелениот картон, фактички државата треба да се откаже од парите што ги прима. Лично не ми се верува дека ќе се случи тоа – вели Илија Стојковски од „Реа иншуренс“.
Тој потсети и за најавите дека за неискористените зелени картони поради коронавирусот ќе се враќале пари, но и тоа е во доменот на информациите што се пласираат во медиумите, без да бидат информирани осигурителните компании.
– Официјални ставови за евентуално намалување на цената на зелениот картон засега немаме. И ние ги дознаваме информациите преку медиумите. Искрено, дека цената ќе се намали во скоро време, не ми се верува – нагласува Стојковски.
И во другите осигурителни компании со кои контактиравме не се информирани за владината намера да ги намали цените на зелениот картон, а според нивните изјави, со оглед на намалениот интерес во време на пандемијата за вадење зелен картон и ограничените можности за патување, тешко е да се верува дека е можно намалување на цената.
Од Агенцијата за супервизија на осигурувањето до затворањето на весникот не добивме одговор на прашањето дали се реални најавите за намалување на цената на зелениот картон, со оглед на фактот дека имаат најдобар увид во состојбите во осигурителниот сектор.
Инаку, податоците говорат дека македонските осигурителни компании годишно издаваат меѓу 100.000 и 130.000 зелени осигурителни картони. Овој документ се издава врз основа на полисата за осигурување од автомобилска одговорност и е замена за полисата за осигурување од автомобилска одговорност издадена за матичната земја со важност за сите земји-членки наведени во полисата.
Зелениот картон е еден вид проширување на важноста на задолжителното осигурување од автомобилска одговорност и ги покрива евентуалните штети што ќе им се причинат на трети лица со управување на моторните возила при патување во странство, односно во земјите-членки на системот на зелениот картон.
Инаку, цената на зелен картон за патничко возило до 66 киловати на годишно ниво е 3.690 денари, а за над 66 киловати за една година е 5.536 денари. Цената за патничко возило до 66 киловати за месечно ниво е 1.850 денари, а за возило над 66 киловати e 3.075 денари. За влечните и специјалните возила, мотоциклите, приклучните и работните возила цената е 5.536 денари. Цената за товарните возила и за автобусите е 17.222 денари. Важноста на годишниот зелен картон е во рамките на времетраењето на полисата за автомобилска одговорност, односно истекува со регистрацијата.