Владата синоќа во рамки на 19-тата седница го утврди предлог-буџетот за 2021 година кој ќе биде доставен во Собранието и деновиве ќе биде детално презентиран пред јавноста.
Владата донесе и одлука 400 компании да добијат 17, 2 милиони евра, средства кои се дел од третиот пакет мерки, со цел амортизирање на ударот врз домашните погодени бизниси преку стимулирање на приватната потрошувачка со фокус на домашната понуда, директна финансиска поддршка и поддршка за ликвидноста на приватниот сектор и работните места.
Висината на финансиската поддршка е 25 % од реализираната инвестиција според инвестицискиот план, но не повеќе од:
40.000 евра во денарска противвредност, за деловни субјекти кои оствариле вкупен приход во 2019 година, не повисок од 1.000.000 евра во денарска противвредност;
100.000 евра во денарска противвредност за деловни субјекти кои оствариле вкупен приход во 2019 година, од 1.000.001 евра до 10.000.000. евра во денарска противвредност;
140.000 евра во денарска противвредност за деловни субјекти кои оствариле вкупен приход во 2019 година од 10.000.001 евра до 50.000.000 евра во денарска противвредност;
200.000 евра во денарска противвредност за деловни субјекти кои оствариле вкупен приход во 2019 година, од 10.000.001 евра, повеќе од 50.000.000 евра во денарска противвредност.
Детални информации за доделувањето на финансиската помош ќе бидат презентирани во јавноста од претставници на Владата во наредните денови.
На седницата е донесена одлука за одобрување на средства од Буџетот за 2020 година во износ од 77.000.000 на Општина Кичево за реконструкција на општинската зграда, како и 135.000.000 денари на Град Скопје, како неповратна финансиска помош за справување со финансиските последици предизвикани поради кризата со коронавирусот во работењето на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје.