Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, и министерката задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска, денес остварија средба со јапонска бизнис делегација предводена од Јошихиро Секи, државниот министер за економија, трговија и индустрија на Јапонија, пред кои ги презентираа можностите за инвестирање во нашата земја.
Вицепремиерот Анѓушев ги претстави поволностите за инвестирање во Македонија, при што истакна дека целта на Владата е да привлекува странски инвестиции со висок степен на технолошки развој, какви што несомнено има во Јапонија која е една од најразвиените земји во светот.
– Со министерот Секи разговаравме за интензивирање на економската соработка помеѓу двете земји и тоа во насока на привлекување на јапонски инвестиции да дојдат во нашата држава и да инвестираат, односно да ја препознаат можноста нашата земја да биде нивна порта кон европскиот пазар. Воедно разговаравме и за зголемување на извозот од нашата земја кон Јапонија, кои продукти би можеле да се пласираат на тој пазар. Во бизнис делегацијата денес се и претставници на големи јапонски компании како Мицубиши, Мицуи и др., кои се навистина големи компании. Се надеваме дека од оваа посета ќе се пројави интерес кај некоја од компаниите за инвестиции, и на тој начин да се зголеми соработката помеѓу нашите две земји – потенцира Анѓушев.
Министерката за странски инвестиции Апостолска, подвлече дека Владата е отворена за соработка со сите компании и води постојани контакти со компаниите од фазата на пројавување на интерес па се до фаза на реализација на еден инвестициски проект.
– Оваа посета за нас претставува одлична можност да ги презентираме економските политики на Владата, но и да посочиме дека сме посветени на целиот процес на еден инвестициски циклус, од споделување на информации потребни за инвеститорите до институционална грижа и следење на нивните проекти, па се до целосна реализација на инвестицискиот проект – рече Апостолска.
Јапонскиот министер Секи посочи дека оваа година се одбележуваат 25 години од воспоставување на дипломатските односи помеѓу двете земји, а лани јапонскиот премиер Абе објави ја објави иницијативата за интензивирање на економските односи на Јапонија со земјите од Западен Балкан.
– Денес сум тука со претставници од асоцијацијата „Jetro“, јапонска организација, која се грижи за јапонските инвестиции во странство и промоција на јапонската економија. Со мене денес се претставници на компании од автомобилската и козметичката индустрија, туризмот, финансискиот сектор, логистички компании, и компании од други индустрии. Ја посетивме технолошко индустриската развојна зона во Скопје, задоволни сме од тоа што го видовме таму, се одвиваат многу активности и ќе разговараме за начините за меѓусобна соработка, кои би значеле придобивки за двете земји – нагласи министерот Секи.