Поради неможноста да заработат и да си ги покријат трошоците, дел од високообразованите по студирањето прифаќаат да работат и на позиции кои можат да ги извршуваат луѓе со средна стручна спрема, вели Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата на Македонија
Општ работник, продавач, возач на камион, монтажер, вработен на бензинска пумпа се само дел од занимањата што најчесто се бараат преку огласите за вработување. Парадоксот е што голем дел од нив се повторуваат или долго време стојат огласени, додека од друга страна низ образовниот систем се продуцираат економисти, правници и други дипломирани студенти од општествените науки за кои нема речиси никаква побарувачка на пазарот на трудот. Дали ваквата состојба им наметнува на младите по завршеното високо образование да прифатат каква било работа или сепак чекаат да најдат работа во согласност со стекнатото звање?
– Многу ретко младите кои завршиле високо образование се согласуваат да прифатат работа за која е потребно пониско образование. Дури е занемарлив процентот на таквите луѓе кои се согласиле да работат стручна дејност иако имаат завршено факултет. Кај нас доминира мислењето дека ако завршат факултет полесно и побрзо ќе се вработат, што не е точно. Има многу млади кои завршуваат гимназии и средни училишта, па одат на факултет, но потоа не прифаќаат да работат која било дејност. Остануваат невработени, но не прифаќаат да работат за ниски плати – вели Раде Ненадиќ од агенцијата за привремени вработувања „Партнер“.
Тој дополнува дека има и млади кои ја напуштаат државата, но појаснува дека најголем дел од тие кои наоѓаат работа во странство се со високо техничко образование, додека лицата со стекнато образование од областите на општествени науки не би можеле да најдат работа во струка во развиените земји.
– Германија, на пример, како земја која привлекува најмногу работници, бара занаетчии, инженери, лекари, медицински сестри… Дури и кај нив има вишок на образовани во општествените науки, па дополнително нашиве со општествени науки не им требаат. Има и такви кои работат што било во другите земји само за да се иселат, но тука не прифаќаат секакви работи, туку остануваат невработени – додава Ненадиќ.
Тој појаснува дека работниците одбиваат работи со ниски плати, особено во трудоинтензивните дејности.
Состојбите кај младите се различни и секако зависат од ситуацијата во која се нивните родители. Додека едни посочуваат дека ќе чекаат работа во согласност со нивната диплома, други велат дека се согласни за каква било работа, бидејќи сакаат да заработат, но се надеваат дека еден ден ќе ја искористат дипломата.
– Проблемот е многу индивидуален, зависи од многу фактори. Имено, поради неможноста да заработат и да си ги покријат своите трошоци, дел од високообразованите по студирањето не прифаќаат да работат на позиции кои можат да ги извршуваат луѓе со средна стручна спрема. Но бидејќи не заработуваат воопшто, а сепак им требаат пари за живот, некои од нив се согласуваат да работат и на позиции што се под нивото на стекнатото образование – вели Миле Бошков, претставник на Бизнис конфедерацијата на Македонија.
Бошков укажува на уште еден проблематичен сегмент во дисбалансот на пазарот на трудот, а тоа е образовниот процес. Тој посочува дека во текот на работното искуство сѐ поголем дел од граѓаните увидуваат дека образованието е под степенот на знаење кое се бара за позицијата за која стекнале диплома, односно за работата која треба да ја завршат.
– Сѐ повеќе се забележува дека образованието е животен стил, но не сите го нудат знаењето потребно за работата. Начелно не може да се генерализираат состојбите, бидејќи од ситуација до ситуација состојбите се различни, индивидуални. Но е факт дека на пазарот на трудот се бараат едни професии, а од друга страна со образованието се обезбедуваат повеќе работници со други вештини – посочува Бошков.
Низ огласите за вработување, освен што доминираат струки за кои е доволна средна стручна спрема, може да се забележи и побарувачка на високообразовани кадри, иако истата е поретка, но се бараат и фармацевти, ИТ-техничари, веб-програмери, доктори, менаџери и сл.