Викендот без ДДВ ќе биде за време на празничниот продолжен викенд од 10-12 октомври. Државата ќе врати ДДВ на секој корисник на апликацијата „Мој ДДВ“, но само за сума до 30.000 денари по поединец.
– Оваа мерка ќе опфати повеќе од 350.000 корисници. Лично јас се надевам да опфати и 500 илјади граѓани. Корисниците на апликацијата „Мој ДДВ“, кои за време на продолжениот викенд ќе купат домашни производи и услуги и ИТ опрема најмногу во вредност до 30.000 по поединец, за само неколку дена ќе им биде вратен целиот износ на ДДВ за овие производи – рече премиерот Зоран Заев.
Тој ги повика правните субјекти да направат разграничување на домашните производи и услуги и странските за да може да се спроведе мерката.
Премиерот очекува со оваа мерка, која ја нарече инјекција за стопанството, да се направи вкупен промет од над 170 милиони, а проекциите стигнуваат и до 250 милиони евра. Кон граѓаните ќе бидат вратени околу 17 милиони евра со проекција да стигнат и до 22,5 милиони евра.
Викендот без ДДВ, кој се реализира како дел од четвртиот сет мерки, Владата го најави на почетокот на мај како една од третиот сет мерки за помош на граѓаните по економската криза предизвикана од коронавирусот.
Најавите беа тој да се одржи кога ќе спласне епидемијата за да се избегнат евентуални негативни последици.