Министерот за транспорт Горан Сугарески минатата недела изјави дека се разговара, но оти сѐ уште е рано за одлука за отворање на аеродромите
Нискобуџетната авиокомпанија „Виз ер“ вчера информира дека како резултат на продолжените рестрикции за патување наменети за сите странски летови од и до Република Македонија, ја продолжува суспензијата на сите летови до земјата до 13-ти следниот месец.
– Патниците со резервирани билети погодени од овие суспендирани летови, кои ги направиле резервациите директно на веб-страницата или на мобилната апликација на авиокомпанијата, ќе бидат автоматски известени преку електронска порака. Сто и дваесет проценти од целата сума ќе им бидат автоматски префрлени на сметката на корисникот, и истите тие ќе можат да ги искористат во текот на наредните 24 месеци за купување на сите производи и услуги на „Виз ер“. Патниците, исто така, можат да одберат опција за враќање на парите, за што е потребно подолго време за реализацијата, и ќе бидат информирани за сите потребни чекори за трансфер на парите преку банка или преку картичка во посебна електронска порака. Во овој случај, патниците ќе можат да изберат сто проценти поврат на сумата. Патниците што направиле резервација преку туристички агенции, вклучувајќи ги и онлајн туристичките агенции, треба да ја контактираат компанијата преку која ги купиле своите билети – се вели во соопштението од авиокомпанијата.
Министерот за транспорт Горан Сугарески минатата недела изјави дека се разговара, но оти сѐ уште е рано за одлука за отворање на аеродромите.
– Се разговара, но сѐ уште е рано да се донесат такви одлуки, од страна на ТАВ беше побарано во наредниот период да се соопшти доколку Владата и Кризниот штаб одлучат да ги отворат, бидејќи ќе им требаат седум до десет дена за тестирање. Сѐ уште нема таква одлука – рече Сугарески.
Со одлука на Владата, како мерка за спречување на ширењето на коронавирусот, од 15 март на полноќ е затворен аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, а од 18 март на полноќ и Меѓународниот аеродром во Скопје.
Владата на седница во петокот утврди протокол за непречен транзит на странци преку Табановце, Деве Баир, Богородица, Ќафасан, Блаце и аеродромот во Скопје.