Косовската рампа на стоки од Србија, која според српската економија, годишно прави штета од 500 милиони евра, направила добра работа за соседите, но и за најразвиените економии во светот, пишува српски „Блиц“.
Според податоците на кои весникот се повикува, Косово во февруари оваа година го зголеми увозот за 13,4 отсто, односно за 27 милиони евра во однос на февруари 2018 година.
Набавките најмногу се зголемени од Словенија, која во однос на минатата година, на фирмите на Косово им продала стоки за 9,3 милиони евра повеќе. На второто место е Македонија, која во февруари на Косово пласирала седум милиони евра повеќе стоки од истиот период лани.
Следат Албанија и Турција, од каде Косово ги зголеми набавките за шест милиони евра. Петото и шестото место го делат Германија и Кина. Тие го зголемиле извозот на Косово а вкупно пет милиони евра. Значително зголемување од околу 1,5 милиони евра забележила и Хрватска, а раст од околу 400.000 евра имале и фирми од Црна Гора.