Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), во рамките на годишната програма за промоција на туристичките потенцијали на земјава и привлекување странски туристи, најавува кампања со која ќе ја промовира земјава како следна дестинација за одмор.

Имено, од агенцијата најавуваат дека на еден креативен начин ќе комуницираат со потенцијалите туристи што патуваат по должината на автопатот Е-75. Тие ќе објавуваат фотографии од храна и вино, туристички атракции и познати локации, каде што туристите можат да поминат дел од своето слободно време.

– Насочувањето и задржувањето на туристите што минуваат низ државата се одвива преку кампања со билборди во Србија, која е во траење од четири недели и опфаќа голем број билборди поставени по должината на автопатот Е-75. Почнувајќи од Белград, па до македонската граница, овој пристап со таканаречено надворешно рекламирање значи директно зајакнување на промоцијата на локациите што се атрактивни за туристите, а се наоѓаат во непосредна близина на автопатот – се наведува во соопштението на агенцијата.

Во фокусот на промоцијата се гастрономијата и искуството што туристите би го добиле доколку одберат да одморат патем во земјава.

На билбордите може да се видат атрактивни фотографии од традиционална македонска храната и вино, преку блесокот на Охридско и Дојранско Езеро, археолошките приказни на Стоби, па до динамиката на Скопје.

Очекувањата од овој тип на рекламирање се да се надмине минатогодишниот број на туристи во Демир Капија, Дојран и други места по должината на патниот правец Е-75, преку праќање пораки дека доколку застанат, ќе искусат само трошка од она што може да го понуди нашата земја.
Е.Р.