Блокирањето закони од областа на економијата, кои живот значат за многу компании и работни места, заради некоја партиска агенда не само што е неодговорно туку зборува за тоа колку нашиот парламентарен систем е „нагрден“ и нефункционален, вели претседателот на Организацијата на работодавци на Македонија

ПАКЕТОТ НА МЕРКИ ЗА ПОМОШ НА ФИРМИТЕ ЗАГЛАВЕН ВО СОБРАНИЕТО

Со одлуката за воведување нови рестриктивни мерки, насочени кон сузбивање на ширењето на ковид-19, веднаш пристигнаа и ветувања од владини претставници дека ќе следува помош за опстојување на компаниите што беа принудени целосно да ги затворат своите објекти. Сепак, иако во текот на изминатата пандемиска година беа преземени повеќе мерки за поддршка на стопанството, последниот петти пакет на мерки никако да ја види светлоста на денот. По многубројните превирања, пратениците сѐ уште не ја изгласале поддршката предвидена со последниот пакет мерки, иако апели да се направи тоа пристигнуваат од повеќе бизнис-здруженија.
– Сите овие случувања во Собранието на РСМ покажуваат дека тоа во ваков состав е нефункционално и, наместо да се користи за донесување закони, тоа се користи за партиски игри и надмудрувања. За да се промени ваквата состојба, потребно е промена на изборниот модел и враќање на стариот модел, каде што 50 отсто од пратениците се избираа според мнозинскиот модел. Сега во нашиот парламент немаме „преставници на народот“, туку „преставници на партиите“. Тогаш, зошто ни се 120 пратеници? Блокирањето закони од областа на економијата, кои живот значат за многу компании и работни места, заради некоја партиска агенда не само што е неодговорно туку зборува за тоа колку нашиот парламентарен систем е „нагрден“ и нефункционален. Кај нас може еден пратеник да поднесе 1.000 амандмани на кој било закон и да ја блокира работата на собранието. Тоа е недозволиво, особено во вакви услови на пандемија – вели претседателот на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров.

Димитров појаснува дека состојбата во економијата во Македонија е многу тешка не само поради нашите нови рестрикции туку и поради продолжувањето на рестрикциите кај нашите најголеми трговски партнери. Потсетува дека компаниите повеќе од еден месец ја чекаат финансиската поддршка за исплата на плати.
– Оние што имаа финансиски резерви ја исплатија платата за февруари, но многу компании немаат средства да го направат тоа. Сметам дека овој петти сет на економски мерки ќе биде најзначаен за опстанокот на многу компании и ако тој се донесе идната недела, можеби ќе се спасат голем број работни места, но ако тоа се оддолжи, тогаш голем број компании ќе се откажат од помошта и ќе ги испуштат работниците. Битно е да се знае дека помошта не ја добиваат сите компании, туку само оние што имаат намалување на приходите за 30 проценти и кои не го намалиле бројот на работниците. Така, оние компании што немале веќе нерви да ја чекаат помошта и напуштиле работници, свесно се откажале од помошта. Помошта е во висина од 14.500 денари, работодавецот ќе треба да обезбеди средства за исплата на даноци и придонеси околу 6.000 денари и, се разбира, да ги покрива тековните трошоци за струја, вода итн. Се разбира, уште потешко им е на оние угостители што немаат свои објекти туку користат објекти под закуп. Прашање е колку од закуподавците ќе бидат подготвени во ваква ситуација да се откажат од закупот за да му помогнат на закупопримачот да ја преброди кризата – објаснува Димитров.
Тој се надева дека ќе надвладее разумот кај пратениците и идната недела ќе се донесе петтиот сет на мерки.
Со одлука на Владата, угостителскиот сектор е повторно „под клуч“, поради што некои од компаниите од секторот остануваат без приходи, па поради тоа истакнуваат дека без помош ќе биде невозможно да се преживее.

– Со оглед на моменталните услови, ја разбираме потребната од носењето на нови рестриктивни мерки што треба да доведат до подобрување на состојбите на здравствен план. Но во исто време апелираме дека е неопходно паралелно со тоа итно да се додели и посебна финансиска помош за субјектите што поради одлуката за затворање ќе останат без какви било приходи. Финансиска поддршка е неопходна за да се обезбеди основна егзистенција и да не се изгубат овие работни места – кажа Мартин Ангеловски од Туристичко-угостителската комора на Македонија при Сојузот на стопански комори на Македонија.
Тие во повеќе наврати посочуваа дека секторот е еден од најзасегнатите од кризата предизвикана од пандемијата, но додаваат дека, и покрај тоа, неколку месеци за секторот нема никаква помош, а граѓаните што егзистираат од овој сектор тонат во долгови по повеќе од цела година рестрикции.
Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини укажува дека и покрај оптимизмот што го шират владините претставници, состојбите со економијата воопшто не се розови.

– Премногу оптимистички ги презентираат владините претставници состојбите во економијата. Премногу популизам се применува, а ситуацијата е толку сериозна, пандемијата непредвидлива, што не го разбирам оптимизмот. Следните години ни стигнуваат големи ануитети за враќање, обврски на државата кон странски доверители, кои се многу големи, така што не гледам на што се темели сегашниот оптимизам. А како што кажал Милтон Фридман, сите денешни долгови се идни даноци. Не ја гледам оправданоста на ова однесување, кога владини претставници нѐ убедуваат дека сѐ е во согласност со плановите, а од друга страна не може да се изгласа владината поддршка за стопанството во Собрание. Измислуваат различни причини да се одложи гласањето на планираната поддршка, имаме невидена морална криза од сите аспекти и од сите чинители на власта. Партиите се корумпирани, а тоа потоа се пренесува и во власта – вели Хајредини.