Доколку се реализира прогресивното оданочување, тоа ќе има негативни последици врз целата бизнис-заедница, со тоа што ќе се зголеми сивата економија и ќе се нарушат условите под кои ќе се одвива целокупната економија во државата
Околу 35 отсто повисоки трошоци за плати и 50 отсто повеќе за другите давачки ќе предизвика прогресивното оданочување што го најави Владата, покажале првичните пресметки на некои од компаниите што се членки на Стопанската комора на Македонија по неодамнешната владина најава за спроведување реформи во даночниот и во пензискиот систем, меѓу кои една од позначајните мерки би било и воведување прогресивен данок.
Како што истакна претседателот на Комората, Бранко Азески, на вчерашната вонредна седница на управниот одбор на Комората, на која беше повикан и министерот за финансии Драган Тевдовски, секое ново оптоварување на фирмите ја намалува нивната конкурентност. И доколку се реализира прогресивното оданочување, тоа ќе има негативни последици врз целата бизнис-заедница, со тоа што ќе се зголеми сивата економија и ќе се нарушат условите под кои ќе се одвива целокупната економија во државата.
– Ние не сме против зголемување на животниот стандард, но сметаме дека тоа треба да се направи на двонасочна и рамноправна основа – истакна Азески.
Министерот Тевдовски го повтори ставот дека целта на новата владина мерка е правично оданочување како чекор напред кон градење поправедно општество, јакнење на јавното образование, јавното здравство, социјалното, како и обезбедување повисоки плати и зголемување на животниот стандард. Според него, никој не треба да има дилема за трошењето на јавните пари, алудирајќи на дополнителните средства што би требало да се соберат од новата владина мерка. Тевдовски не прецизира дали се можни какви било отстапки од сегашното предлог-решение.
Како што рече министерот за финансии, во развиените, просперитетни земји дури се бараат уште повисоки даноци за најмоќните, најбогатите граѓани, за да се обезбедат што повеќе пари за здравство, образование, подобри услуги.
– Нашата идеја е слична, да се побара поддршка од Комората за ова. Ако не правиме корективни мерки, децата можеби ќе имаат полоши услови од нивните родители. Со плата како министер не можам да обезбедам моите деца да одат во приватно школо, а што е со огромниот број луѓе што имаат многу пониска плата од министерската. Тоа значи дека мора да воведеме праведно оданочување за идните генерации да имаат повисок животен стандард. Го слушнавме гласот на народот, на бизнисмените, затоа и прагот го зголемивме и е поставен кај прогресијата на еден процент од луѓето со највисок доход – нагласи Тевдовски.
Азески истакна дека во однос на прогресивното оданочување мора да се земе предвид и присуството на странските компании во земјава, вкупно 154, односно нивниот став и размислување за ефектот од ваквата мерка.
Ставот на премиерот Зоран Заев за воведувањето прогресивен данок е дека тоа е исклучително добро, фер и праведно и ќе гарантира фер и праведно општество за сите.
Според него, оваа иницијатива ќе придонесе да има праведно општество во Македонија, бидејќи парите од побогатите ќе се вратат кај најсиромашните и најзагрозените.
– За воведување прогресивен данок имаше дебата уште од денот кога е создадена оваа влада, која е претежно левичарска и сака да гради фер и праведно општество за сите. Со прогресивниот данок ќе бидат опфатени само најбогатите, односно околу еден отсто од граѓаните за кои ќе има оданочување од дополнителни осум отсто за приходите над 90.000 денари, со што ќе се обезбедат дополнителни околу 25 милиони евра во буџетот – рече Заев.
Тој нагласи дека со мерката нема да биде опфатен дури ни премиерот, кој има приход од 87.000 денари, како ни младите ИТ-стручњаци и инженери, чии приходи најчесто се околу илјада евра.
Вицепремиерот Кочо Анѓушев посочи дека со воведувањето на прогресивниот данок нема да ѝ се зададе никаков удар на економијата, бидејќи, како што кажа, речиси ниту еден данок не се зголемува, со исклучок на персоналниот за најбогатите еден отсто, на кои, како што кажа, припаѓа и тој.
– За луѓе со приходи од сто илјади денари ќе значи оданочување на разликата од 90 до 100 илјади денари, односно оданочување со осум отсто на 10 илјади денари, или 800 денари повеќе данок месечно од досега – објасни Заев.