Oваа заедничка акција покажува дека ако се постигне консензус дека бизнисот и само бизнисот е приоритет, тој може во втор план да ги стави и национализмот и суетата и нетрпеливоста и да ги надмине сите бариери, кажа Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија

ПО ВИКЕНД-ВАКЦИНАЦИЈАТА НА СТОПАНСТВЕНИЦИТЕ ОД РЕГИОНОТ ВО СОСЕДНА СРБИЈА

Викенд-вакцинацијата на стопанствениците од регионот во соседна Србија покажа дека бизнисот може во втор план да ги стави национализмот, суетите и нетрпеливостите и да ги надмине сите бариери. Тоа е констатација во однос на која нема никакви резерви во јавноста откога во организација на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), кој настана во рамките на Берлинскиот процес, македонската бизнис-заедница викендов се вакцинира против ковид-19 во Ниш. КИФ е асоцијација на шесте национални комори од регионот на Западен Балкан, чија цел е да се интензивира регионалната економска соработка и да се почнуваат заеднички активности што се од интерес за бизнис-заедницата од регионот. Со договор меѓу членките на КИФ, Стопанската комора на Србија обезбеди 10.000 вакцини за бизнис-заедницата од регионот.
– Досега се зборуваше дека насекаде има будали, а на Балканот е нивната централа. Оваа иницијатива на Коморскиот инвестициски форум е потврда дека Балканот може да биде перципиран и од друг аспект. Оваа заедничка акција покажува дека ако се постигне консензус дека бизнисот и само бизнисот е приоритет, тој може во втор план да ги стави и национализмот и суетата и нетрпеливоста и да ги надмине сите бариери – кажа Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија (СКСМ).
Азески објаснува дека постојат две волшебни фрази за да не се заврши работата, не знам и не можам. Но тој додава дека постојат и две фрази за да се заврши работата, а тоа се бизнис и регионална соработка.

– Бизнисот врви таму каде што не поминува политиката. А регионалната соработка е поле за постојан раст на бизнисот. КИФ е создаден токму за тоа, да го промени менталниот склоп на Балканот – вели Азески.
КИФ е основан во 2015 година во рамките на Берлинскиот процес како асоцијација на шест национални комори од Западен Балкан: Стопанската комора на Северна Македонија, Унијата на стопански комори на Албанија, Надворешнотрговската комора на Босна и Херцеговина, Стопанската комора на Црна Гора, Стопанската комора на Србија и Стопанската комора на Косово. Целта е да се интензивира регионалната економска соработка и да се почнуваат заеднички активности. Од 2017 година седиштето на КИФ е во Трст, Италија, а од неодамна е отворена претставничка канцеларија во Подгорица.
КИФ претставува повеќе од 350.000 компании од регионот на Западен Балкан и, како што вели Азески, суштината на оваа асоцијација може да се сведе во еден слоган „Еден регион – една економија“.
Со проектот „ЕУ-поддршка за КИФ“, кој е поддржан со 2,5 милиони евра од Европската Унија (ЕУ), ќе се придонесе БДП по жител во регионот да порасне од една третина од просекот на ЕУ до 40 отсто, увозот и извозот да пораснат на 57 проценти, а меѓусебната размена во рамките на регионот од 4,5 милијарди да се зголеми на 6,6 милијарди евра.

Домашните бизнисмени истакнуваат дека во овој случај бизнисот или бизнис-заедницата се покажала како подржавотворна отколку македонската политика.
– Бизнис-заедницата покажа дека е државотворна и дека си ја сака сопствената земја, за разлика од македонската политика. Ова е уште една потврда дека ни е потребна експертска влада да нѐ извади од кризата и да ја научи политичката елита како се сака Македонија. Бизнисот секогаш ги елиминирал границите, за бизнисот и за парите нема граници, но во овој момент бизнисот се покажа како подржавотворен од целокупната македонска политика – вели бизнисменот Горан Рафајловски.
Тој наедно истакна дека вакцинацијата, која викендов беше организирана во соседна Србија, не се однесува само за бизнис-заедницата и дека ова е еден хуман гест насочен кон сите граѓани од Македонија и другите соседни земји.
– Овде не се работи само за бизнис-комора. Србите ги примаат и македонските и босанските државјани да ги вакцинираат. Небулоза е тврдењето дека го вакцинираат секој што ќе дојде за да не им помине рокот на вакцините. Напротив тие се организираа да вакцинираат и сабота и недела и сите што влегоа таму кажуваат дека луѓето биле екстра љубезни и услужливи и успеаја за само два дена да вакцинираат дури 12 илјади луѓе. Кај нас за два месеца не се вакцинирани шест илјади луѓе. Тие покажаа неверојатна подготвеност и сметам дека луѓето треба да им бидат благодарни за широчината и за гестот – нагласи Рафајловски.
И аналитичарот Петар Арсовски посочува дека вакцинацијата, која викендов беше организирана во Србија, е показател дека бизнисот побрзо се консолидира отколку политичарите.

– Ова покажа дека бизнисот побрзо се консолидира и се солидаризира отколку политичарите, а впрочем такви изјави испратија и претседателите на коморите во регионот. Тие изјавија дека се организираа и се солидаризираа за да се овозможи економијата, трговијата, бизнисот да тргнат напред и бизнисот да биде тој што ќе го прави главниот притисок за што е можно поголема интеграција на целиот регион – вели Арсовски и додава дека оваа акција ќе биде поттик за поголема соработка на регионот, истакнувајќи дека добрата волја што ја покажа Србија и кон другите организации и граѓаните од Македонија ќе биде уште еден поттик за понатамошна соработка.


Азески: За институција со пет ѕвезди треба да имаш
и меѓународен поредок и регион, но и држава со пет ѕвезди

Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, во свое обраќање се навраќа на изјава дадена во 2005 година пред бизнисмените, која, како што потсети, предизвикала вчудовидување.
– Можам да ви гарантирам дека ќе бидеме навистина сервис на компаниите, а убеден сум дека на крајот на мандатот комората ќе биде институција со пет ѕвезди – пишува Азески и потсетува дека изјавата ја дал на 10 март 2005 година на изборното Собрание на комората.
Првиот човек на СКМ посочува дека комората денес е најголемиот кадровски расадник во државата, илјадници доктори на наука, магистри, експерти и инженери работат во нејзините членки. Потоа дека комората е член на најеминентните коморски здруженија во регионот, Европа и во светот и дека е асоцијација на 104, од вкупно 200-те, најуспешни компании кај нас….

– Во првата недела на кризата, во март 2020 година, незаменлива беше улогата на комората во деблокирање на транспортот наменет за потребите на нашите компании. Но незаменлива беше и улогата на Кризниот штаб, кој им даде најголема помош на компаниите во првите месеци на кризата. Незаменлива беше и улогата во Економскиот совет за време на пржинската влада и конципирањето на пакет мерките. Но она што се случи изминатиов викенд со акцијата на Коморскиот инвестициски форум ќе остави белег во нашето работење, а потврда за тоа се добиените мејлови од нашите членки – пишува Азески.
Наедно, тој додава дека е значајно да се одговори на прашањето дали се оствари изјавата од март 2005 година.
– Одговорот е секако не, зашто тогаш на 43 години не бев свесен дека за да направиш институција со пет ѕвезди треба да имаш и меѓународен поредок и регион, но и држава со пет ѕвезди – заклучува Азески.