Преку „Турски тек“ испорачани половина милијарда кубни метри гас
За време на првиот месец од работата на гасоводот „Турски тек“, во Европа се испорачани 500 милиони кубни метри природен гас, објавија операторите на гасоводот. „Турски тек“ е извозен гасовод за руски гас што се протега од Русија до Турција преку Црно Море и кон Европа. „Турски тек“ започна да работи на 1 јануари оваа година.
Шпанија воведува данок за дигиталните компании
Шпанија планира да воведе нов данок што ќе го плаќаат големите дигитални компании како „Гугл“, „Амазон“ и „Фејсбук“. Левичарската влада во Мадрид ги усогласи ставовите околу воведувањето на данокот што би можел да генерира приближно милијарда евра приход годишно.
Данокот во висина од три отсто ќе го плаќаат дигиталните компании, кои на глобално ниво остваруваат годишни приходи од 750 милиони евра и повеќе, односно три милиона евра и повеќе во Шпанија.
Пролетниот умор влијае врз продуктивноста на работа
Сè почестите осцилации на воздушниот притисок и огромните температурни разлики, покрај тоа што му штетат на човековото здравје, во голема мера влијаат и врз продуктивноста на работното место. Наглите промени на надворешните температури и притисокот го намалуваат внесувањето кислород, а неговиот недостиг се чувствува и на работното место. Нивото на концентрација е многу ниско, на работникот постојано му се спие и станува неефикасен.
– Наглите промени на температурите тешко му паѓаат на организмот бидејќи му е потребно време за да се подготви за тие промени. Во деновите кога температурата е ниска, терморегулациониот центар на мозокот издава наредби организмот да забрза. Но при наглите осцилации, кога температурата за краток период оди нагоре, на организмот му е потребно време да го прифати тоа – појаснуваат докторите.
ЕУ додаде нови даночни раеви на црната листа
Европската Унија ги додаде Панама, Сејшелите, Кајманските Острови и Палау на црната листа на даночни оази, парични раеви во кои годишно одат милиони евра. Тоа значи дека компаниите што имаат седиште во овие четири земји се соочуваат со сè поголема контрола на своите финансиски трансакции, а ризикуваат и да ја загубат можноста да ги користат ЕУ-фондовите. Стануваат сомнителни и ја губат довербата кај своите деловни партнери.
Листата, која е направена во 2017 година, по откривањето на широко распространетиот систем на затајување и избегнување данок што го користат странските фирми и богатите поединци за да ги намалат своите даночни обврски, сега опфаќа 12 јурисдикции.
Постојната листа од осум земји е практично дополнета, а покрај четирите новодојдени земји, на неа се наоѓаат и Фиџи, Оман, Самоа, Тринидад и Тобаго, Ванату, како и американските територии Американска Самоа, Гуам и американските Девствени Острови.