Фото: Игор Бансколиев

Расте бројот на туристи и на нивни ноќевања

Бројот на туристите во септември 2019 година, во однос на септември 2018 година, е зголемен за 12,8 отсто, додека пак бројот на ноќевањата е зголемен за 6 проценти. Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на туристите во септември 2019 година бил 122.645, а бројот на ноќевањата 275.892.
Притоа бројот на домашните туристи во септември 2019 година, во однос на септември 2018 година, е намален за 0,6 отсто, а бројот на странските туристи е зголемен за 17,4 проценти.
И кај бројот на ноќевањата има пад на домашните туристи, и тоа за 5,9 отсто, а бројот на ноќевањата на странските туристи е зголемен за 11,6 проценти.
Во периодот јануари – септември 2019 година, во однос на истиот период од претходната година, вкупниот број на туристи е зголемен за 3,4 отсто, и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 1,1 процент, а кај странските има зголемување за 4,8 отсто. Во тој период ноќевањата се зголемиле за 1,9 отсто.


Тужби против Министерство за транспорт во висина од осум милиони евра

Министерството за транспорт и врски се јавува како тужена странка во 46 судски постапки во кои се побарува наплата на вкупна сума од 511 милиони денари, или околу 8,3 милиони евра, соопштија државните ревизори по контролата на работењето на Министерството во минатата година.
Станува збор за судски постапки поведени за наплата на основен долг, надомест на штета, раскинување договор, работни спорови, утврдување надомест за експроприрани недвижности и други основи.
Истовремено, Министерството за транспорт и врски се јавува како тужител во 14 судски постапки по основа на поништување односно раскинување договор, долг, надомест на штета, од кои побарува вкупна вредност од 151 милион денари или околу 2,4 милиони евра.
– Постои неизвесност од дополнително оптоварување на проценетиот износ со камати и судски трошоци кај судските спорови во кои Министерството за транспорт и врски е тужена страна, што може значително да влијае врз буџетот во идниот период – укажуваат ревизорите во извештајот.


Работен состанок за министрите за земјоделство од ЈИЕ

Мерките за развој на земјоделство и руралниот развој во Југоисточна Европа, процесот на регионална соработка во областа на земјоделството, како и процесот за интеграција во Европската Унија на земјите од Западен Балкан беа теми на дискусија на 13-от работен состанок на министрите за земјоделство на ЈИЕ во Приштина. Министерот Трајан Димковски ѝ го предаде досегашното претседателство на министерката на Република Косово, Дијана Живиќ.
– Се соочуваме со многу слични проблеми, кои може да се решат поефикасно, ако работиме заедно. Работиме посветено, заедно со другите земји во регионот, за исполнување на визијата за напреден и развиен земјоделски сектор во Западен Балкан. Продолжуваме со имплементирање на сите предлози и политики за доближување кон Европската Унија – изјави Димковски.
Годинешниот работен состанок е во организација на Министерството за земјоделство, шумарство и рурален развој на Косово и Постојаната работна група за регионален рурален развој во Југоисточна Европа.