Вестагер: Интернетот троши премногу струја
Интернетот троши премногу струја, нагласи потпретседателката на Европската комисија Маргрет Вестагер, предупредувајќи на негативните последици на оваа потрошувачка врз климата на планетата. Понатамошната дигитализација ќе бара уште повеќе струја, нагласи данската политичарка во интервју за весниците од медиумската групација „Функе“.
– Стримингот на филмовите троши многу електрична енергија. Сетете се на серверските центри, кои треба да се климатизирани – додаде Вестагер.
Според неа, тоа ќе биде огромен предизвик за предвидената климатска неутралност на Европската Унија до 2050 година.
Растат плаќањата преку преносни уреди во Европа
Употребата на преносни уреди за плаќање продолжува да расте во Европа, а бројот на трансакции во 2019 година бил осумкратно поголем во однос на минатата година, покажува истражувањето на компанијата „Мастеркард“.
Плаќањето со помош на преносни уреди е достапно во 26 земји од Европа, а овој широко прифатен тренд овозможува повеќе од 30 различни вида преносни уреди, при што предводник е Холандија, на која ѝ отпаѓа третина од сите такви трансакции во 2019 година.
На европската листа второ е Обединетото Кралство (18 отсто), потоа следуваат Швајцарија (8 отсто), Русија (7 отсто), Полска, Шведска, Чешка, Финска, Германија и Украина.
Холандија, според бројот на трансакции на глобално ниво, го зазема второто место, додека глобален лидер е Австралија.
Климатските промени не ја нарушија побарувачката за јаглен
Побарувачката за јаглен ќе остане стабилна и во следните четири години благодарение на откупот во Азија и без оглед на општата загриженост поради климатските промени, објави Меѓународната агенција за енергија.
Јагленот останува главен извор на енергија во југоисточна Азија, каде што силниот економски развој создава голема потреба за енергија, но по цена на загадување на околината. Јагленот е најважното гориво при производството на електрична енергија и предизвикува повеќе од 40 отсто од емисиите на јаглерод диоксид во производството. Исто така, важен е и при производството на челик и цемент.
Европа и САД сè помалку се зависни од јаглен, но неговата употреба расте во Азија, особено кај најголемите светски производители и корисници на јаглен, како Индија и Кина.