„Фич“ и СБ ѝ прогнозираат забрзан раст на руската економија
Растот на руската економија во 2020 година ќе забрза, иако и резултатите во тековната година се подобри од очекуваното, заклучуваат стручњаците на рејтинг-агенцијата „Фич“ и на Светската банка.
„Фич“ ја подобри прогнозата за раст на руското БДП во 2019 година на 1,4 отсто. Во септември прогнозираше раст од 1,2 отсто, а новата прогноза ја објаснуваат со засилениот раст во третото тримесечје. За 2020 и 2021 година прогнозира раст од два отсто, зголемувајќи го од претходно проектираниот 1,9 отсто.
Прогнозата за раст на руската економија ја подобри и Светската банка, од еден на 1,2 отсто во оваа година, додека за 2020 година прогнозира раст од 1,6 отсто, а за 2021 година од 1,8 отсто.
„Стандард и пурс“ ѝ го зголеми кредитниот рејтинг на Србија
Агенцијата „Стандард и пурс“ ѝ го зголеми кредитниот рејтинг на Србија од ББ на ББ+ со позитивни назнаки. Одлуката на агенцијата е донесена поради значително подобрување на макроекономските показатели, адекватната монетарна политика на Народната банка на Србија, како и цврстата фискална дисциплина. Србија во 2017 и 2018 година оствари суфицит во просек од 3,2 отсто од БДП, а трендот продолжи и во 2019 година, така што девет месеци во оваа година изнесува повеќе од еден отсто од БДП.
И Шведска го истражува наводниот поткуп во „Ериксон“
Шведското државно обвинителство отвори истрага против производителот на опрема за мобилни мрежи „Ериксон“ поради сомнеж за поткуп, надоврзувајќи се на случајот во САД, објави дневниот весник „Дагенс индустри“. Портпаролот на обвинителството потврди дека е отворена прелиминарна истрага без да наведе детали.
Портпаролката на „Ериксон“ одби да ја коментира информацијата за истрагата.
Комисијата за хартии од вредност и берза на САД, како и тамошното министерство за правосудство поведоа истрага против „Ериксон“, поради сомнеж дека го прекршил американскиот закон за коруптивни практики во странство.
„Фолксваген“ го запре производството во Алжир и одложи изградба на фабрика во Турција
Германскиот производител на автомобили „Фолксваген“ соопшти дека го запрел производството во фабриката во Алжир поради политичката криза во земјата, а ќе му биде потребно и дополнително време за одлука за изградба на нова фабрика во Турција. „Фолксваген“ работи во Алжир од 2016 година преку заеднички проект со локален партнер. Лани во нивната фабрика биле монтирани 50 илјади автомобили.