„Горење“ пак со загуба, рентабилно ќе работи следната година
Словенечкиот производител на апарати за домаќинството „Горење“ и оваа година ќе ја заврши со голема загуба. Но кинескиот сопственик, корпорацијата „Хајсенс“, сака да го промени тоа и тежнее кон добивка од 30 милиони евра во 2020 година. Директорот на „Горење“, Лан Лин, информира дека компанијата оваа година би требало да има околу 40 милиони евра загуба, додека за следната се планира пресврт во работењето и добивка од 30 милиони евра. Тој појасни дека тоа би се постигнало со модернизација на машинскиот парк и поголема ефикасност во работењето, но и со намалување на бројот на вработени, што во прв ред се однесува на оние во управата.
Технолошките гиганти на нишан на глобалните финансиски регулатори
„Гугл“, „Алибаба“ и другите технолошки гиганти би можеле да бидат принудени да разменуваат податоци со банките и финансиските технолошки компании за клиентите со финансиски услуги за да се спречи нелојалната конкуренција, покажа најновиот извештај на Одборот за финансиска стабилност (ФСБ). Ова тело во најновиот извештај предупредува дека сè поизразеното ширење на „краците“ на големите технолошки компании ги доведува под знак прашалник финансиската стабилност, пазарниот натпревар и приватноста на податоците.
„Ериксон“ ќе плати над милијарда долари во спорот со САД поради корупција
Шведската телекомуникациска компанија „Ериксон“ се согласи да плати повеќе од милијарда американски долари за да издејствува повлекување на тужбата за корупција, вклучувајќи и подмитување државни службеници, соопшти американското министерство за правосудство. Компанијата „призна дека повеќе години спроведувала корупциска кампања во пет земји за да ја зацврсти својата позиција во телекомуникацискиот сектор“, се наведува во соопштението од Министерството. Шведската компанија се спогоди во предметот поврзан со кривични пријави пред судот во Њујорк.
Бизнисите на иднината во неколку американски градови
Анализа за „иновативните“ работни места во САД ја отсликува поделената економија во која компаниите клучни за идниот раст се концентрираат на помал број локации. Разликите во темпото на отворање нови работни места, приходите и идните перспективи меѓу успешните градови и остатокот од САД во последно време сè почесто се предмет на жестоки политички расправи и економски истражувања. Меѓу 2005 и 2017 година компаниите во хемиските и секторите за сателитска телекомуникација и научни истражувања се преселиле во 20 американски градови, меѓу кои предничат Сан Франциско, Сиетл, Сан Хозе, Бостон и Сан Диего, покажа истражувањето. Овие, повеќето крајбрежни градови, отвориле околу 250 илјади нови работни места, што претставува зголемување за шест отсто.