Кина доби дозвола за воведување нови давачки против САД
Арбитражното тело при Светската трговска организација (СТО) донесе одлука во корист на кинеската влада, дозволувајќи ѝ примена на контрамерки кон Соединетите Американски Држави (САД). Поконкретно Кина има право да воведе казни во висина од 3,599 милијарди американски долари, колку што, според процените на судиите, изнесуваат загубите на кинеските компании направени со антидампинг-процедури што ги применуваат САД. Беше појаснето дека овие антидампинг-процедури се спротивни на правилата на СТО. Одлуката што ја донеле од СТО се применува на американските давачки против дампинг, иницирани при увоз на низа кинески производи од лесна индустрија, електроника, метали итн.
Американските антидампинг-давачки за кинески производи се прогласени за нелегални од страна на СТО уште во 2016 година. Во септември 2018 година, Пекинг се обрати до СТО со молба да им дозволат да применат контраодговор кон САД во висина од 7.043 милијарди американски долари годишно.
ССК предлага развоен фонд за одржување на индустриските зони
На прес-конференцијата на Сојузот на стопански комори на Македонија беше истакнато дека дефицитот на стручен кадар, недоволната понуда на локации за изградба на индустриски капацитети и за инвестиции во постојните индустриски зони, како и редовното усогласување на законските прописи за да не се појавуваат нелогични толкувања, се трите главни приоритети што треба системски да се решат за зголемување на конкурентноста на компаниите во индустрискиот сектор. Елаборирајќи ги трите предизвици, Трајан Ангелоски, член на управниот одбор, од Индустриската комора во сојузот, посочи дека дефицитот за стручен кадар станува сѐ поизразен, поаѓајќи од фактот што постои голема потреба и од ученици и од кадар за машинската и енергетска индустрија, а мал интерес за упис во средните стручни училишта. Додаде оти понудата на локации за изградба на индустриски капацитети и инвестиции во постојните индустриски зони не е доволна.
– Не постојат доволен број индустриски зони – локации за изградба на нови капацитети. Наше барање е секој квартал, општините да нудат на продажба слободни локации за изградба – рече Ангелоски.