Италија очекува мрачна туристичка сезона
Туристите не се враќаат во Италија и покрај повторното отворање на границите во Европа, се пожали националната претседателка на туристичката индустрија Марина Лали, која очекува мрачна туристичка сезона.
На европските посетители им е дозволен влез во Италија од 3 јуни кога беа укинати ограничувањата за патувања воведени поради пандемијата на коронавирусот, но тоа остана речиси без ефект.
– Не е дека не гледаме значителен број туристи, туку воопшто и ги нема – рече Лали, притоа додавајќи дека не очекува странските туристи да се вратат пред периодот септември-октомври.
Весникот „Ла република“ го пренесе истражувањето на италијанската туристичка заедница ЕНИТ предвидувајќи пад од 55 отсто на туристичките посети оваа година, додека тој процент се искачува и до 88 отсто во туристичките центри како Венеција.
Околу 30 отсто од хотелите во Венеција се затворени, а оние што се отворени имаат помалку од половина пополнети капацитети. Лали изрази посебна загриженост од можните најави ЕУ да воведе забрана на посетители од САД по 1 јули, поради неуспехот на оваа држава да се справи со ширењето на коронавирусот.
– Американските туристи се клучни за Италија, бидејќи се склони повеќе да потрошат и особено се заљубени во италијанскиот начин на живот, па нивната загуба би била поразителна – рече Лали.
ММФ очекува подлабока глобална рецесија
Пандемијата на коронавирусот ѝ нанесува на економијата поголема и подлабока штета од она што првично беше проценето, предупреди Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), предвидувајќи 4,9 отстотен пад на светскиот БДП оваа година. Новата процена е објавена во летните меѓупрогнози на ММФ под наслов „Криза без преседан, закрепнувањето неизвесно“.
Во редовните процени објавени во април, ММФ за оваа година прогнозира три отстотен пад на активностите.
Меѓупрогнозите вклучуваат процени само за водечките економии и региони, како и за групата развиени и економии во развој.