Британските авиопревозници против владината одлука
за карантин
Воздухопловните компании „Бритиш ервејс“, „ИзиЏет“ и „Рајанер“ поведоа преиспитување на законитоста на планот за карантин на британската влада, барајќи што поскоро да се спроведе судска ревизија. Трите компании, на почетокот на минатата недела, соопштија дека ќе се обидат да го запрат правилото за 14-дневен карантин за патниците што пристигаат од меѓународните дестинации, а за кое сметаат дека ќе ги одврати туристите од патувањата, што, според нив, истовремено е закана за дополнително губење работни места во момент кога воздухопловната индустрија се надеваше на закрепнување.
Правниците соопштија дека доколку се спроведе судската ревизија, Владата ќе мора да презентира научни докази, кои ја поткрепуваат потребата за карантин. Карантинот стапи во сила минатиот понеделник. Воздухопловните компании сметаат дека нема научни докази за толку строги мерки. Тие исто така ја отфрлија и опцијата за „воздушни мостови“, што е израз даден за билатералните договори меѓу земјите со низок процент на зараза, а која Владата ја претставила како потенцијална алтернатива на карантинот.
„Унилевер“ ќе инвестира милијарда долари во борба против климатските промени
Компанијата „Унилевер“ вети дека ќе даде милијарда евра за борба против климатските промени и финансиски проекти за одржливост. Британско-холандската корпорација си постави цел нулта емисија на јаглерод кај сите свои производи до 2039 година, што е 11 години пред рокот договорен со Париската спогодба.
Парите би се користеле во период од 10 години за проекти што би вклучувале и обнова на околината, пошумување, одвојување на јаглеродот, заштита на дивите животни и зачувување на водите.
Компанијата доставувач на брендовите „Доув“ и чајот „Липтон“ соопшти дека треба да се преземат „решителни чекори за подобрување на здравјето на планетата“.
Вишокот во стоковната размена на ЕУ со светот речиси се истопи во април
Вишокот во стоковната размена на ЕУ со светот се намали во април на само 200 милиони евра поради остриот пад на извозот во корона-кризата, која ги принуди владите на остри мерки и речиси целосна блокада на економиите, покажува извештајот на Евростат.
Април е првиот месец во кој од првиот до последниот ден во речиси сите европски земји во сила беа мерките за сузбивање на епидемијата на коронавирусот. Владите го ограничија движењето на граѓаните и ги затворија компаниите, предизвикувајќи целосно замирање на економијата и општествениот живот. Извозот на стоки од ЕУ е намален во април за 28,2 отсто во однос на истиот период лани, на 125,4 милијарди евра, пресметале во Евростат врз основа на сезонски неприспособените податоци. Увозот потонал 22,7 отсто, на 125,1 милијарда евра. Со тоа вишокот во стоковната размена на ЕУ со светот речиси се истопи, спуштајќи се на само 200 милиони евра. Лани во истиот период вишокот изнесувал 12,9 милијарди евра.