Романија очекува значително помало производство на
пченица годинава
Романија оваа година поради долготрајната суша ќе произведе значително помалку пченица, но вишокот би требало да биде доволен за понуда на меѓународниот пазар во Египет, соопштија тамошните земјоделци и стручњаци. Романија го зазема второто место меѓу земјите на Европската Унија според обемот на продажба на пченица, а заедно со Франција и со Русија е главна извозничка на оваа житарка на Блискиот Исток, со Египет како главен купувач.
– Под двоен удар сме. Сведоци сме на многу лоша година за пченицата, слична на 2002 година кога растенијата замрзнаа во зима бидејќи немаше снег, а потоа следуваше пролет без дожд – појаснува поранешниот романски министер за земјоделство Петре Даеа.
Тој додава дека податоците од теренот покажуваат дека во 10 од вкупно 41 регион родот е оштетен и до 100 отсто. Романија минатата година оствари рекорден принос на пченица од околу 10 милиони тони на 2,1 милиони хектари, а земјоделците и трговците оваа година очекуваат пет до 7,4 милиони тони.
Турција се подготвува за жетва на чај и покрај пандемијата
Илјадници производители на чај ќе се упатат оваа недела во турското подрачје на Црно Море за почетокот на жетвата, бидејќи се очекува да попуштат ограничувањата за патувања воведени поради пандемијата на коронавирусот.
На производителите ќе им биде дозволено патување на нивните плантажи, вклучувајќи ги и производителите од Истанбул и од Анкара, во кои во моментот во сила се забрани за влез и за излез.
Производителите мораат да имаат дозвола за патување во еден правец и да останат во провинцијата 30 дена. Поголем дел од турскиот чај се одгледува покрај брегот на Црно Море. Иако домашната консумација на чај е најголема на светот, извозот што ја вклучува Германија во првото тромесечје порасна за 51 отсто, јави државната новинска агенција „Анадолу“.
„Рајанер“ очекува наполу помалку патници
Ирскиот воздухопловен превозник „Рајанер“ информира за двоцифрен раст на годишната добивка, најавувајќи наедно дека во новата деловна година очекува за половина помалку патници поради корона-кризата. Финансиската година, која заврши во март, компанијата ја заклучи со 13 отсто поголема добивка, нешто повеќе од една милијарда евра. Вкупните оперативни приходи пораснале за11 отсто, на 8,5 милијарди евра. Групацијата во посочениот 12-месечен период превезла вкупно 148,6 милиони патници, четири отсто повеќе во однос на претходната деловна година.
Во деловната 2020/2021 година „Рајанер“ би требало да превезе помалку од 80 милиони патници, наполу помалку од она што го очекуваа пред пандемијата на коронавирусот. С.Т.