Швајцарија му помага на воздухопловниот сектор
Швајцарскиот парламент го поддржа владиното барање за речиси 1,9 милијарда швајцарски франци за помош на воздухопловниот сектор во корона-кризата, што е условено со почитување на официјалните цели за заштита на околината.
Пакетот вклучува 1,275 милијарда франци кредитни гаранции за „Свис“ и „Еделвајс“, инаку разграноци на „Луфтханза“, како и 600 милиони франци за услужните компании како „Свиспорт интернешенал“, „Гејтгруп“ и „СР техникс“.
Швајцарскиот разгранок на „Изиџет“ не доби посебна помош, бидејќи се очекува неговите потреби за ликвидност да ги покрие матичната компанија.
Државните пари се исклучиво наменети за инфраструктурата во Швајцарија, а Владата им забрани на превозниците исплати на дивиденда и на други парични надоместоци додека не биде вратена помошта.
За возврат, државата не сака сопственички удели во авиопревозниците, но кредитите со државни гаранции ќе бидат осигурени со акции во „Свис“ и во „Еделвајс“.
„Адриа ервејс“ призна побарувања на доверителите од речиси 88 милиони евра
Доверителите во словенечката воздухопловна компанија „Адриа ервејс“ во стечај пријавиле побарувања во износ од 151 милион евра, а признаени се побарувања во висина од 87,7 милиони евра, соопшти стечајниот управник Јанез Пустатичник.
Меѓу признаените побарувања се и околу 15 милиони евра плати на поранешните вработени, меѓу нив и на последната управа на „Адрија ервејс“, на чело со Холгер Коварш, кој ја водеше компанијата во име на германскиот инвестициски фонд „4К“, последен сопственик на словенечката авиокомпанија, како и на германската компанија „Фрапорт“, која управува со љубљанскиот аеродром.
Меѓу доверителите се и повеќе странски банки, аеродроми и поранешни деловни партнери на „Адрија ервејс“, Европската агенција за контрола на воздушниот сообраќај, словенечката даночна управа и други.
Најголеми признаени побарувања се оние од германската воздухопловна компанија „Луфтханза“ (6,6 милиони евра) и на нејзината австриска фирма ќерка „Аустријан ерлајнс“ (3,1 милиони евра). С.Т.