Производителите на кафе очекуваат проблеми во снабдувањето
Некои од најголемите светски трговци со кафе се подготвуваат за проблеми во синџирот за снабдување, со оглед на фактот дека пандемијата на коронавирусот создава ризик од затворање на пристаништата и другите транспортни операции, пишува „Блумберг“.
Од една од кафетериите на своите клиенти им порачале дека се очекуваат логистички застои, кои ќе бидат сè поголеми низ земјите што се најголеми производители на кафе. Швајцарски дистрибутер побара од купувачите да ги нарачаат своите резерви што е можно побрзо.
– Ова е можеби време однапред да порачате кафе во количество за кое сметате дека ќе ви биде потребно во иднина – порачуваат дистрибутерите.
Ширењето на вирусот ги попречува снабдувачките синџири за сè, од нафта до бакар и други продукти. Самата пандемија се случи во момент кога резервите на кафе се и онака мали, а дополнителен проблем создава и можноста за штрајк на пристанишните работници во Бразил, земја што е еден од најголемите производители на кафе во светот.
На Австрија ѝ недостигаат илјадници работници
Австрија, покрај проблемот со коронавирусот, се соочува со уште еден проблем, а тоа е недостиг од жетвари.
Имено, повеќето помагачи во жетвата доаѓаа од странство, а сега, кога се затворени границите, недостигаат илјадници такви работници.
– Не сакаме жетвата да ни пропаѓа на полињата – изјави министерката за земјоделство Елизабет Кестингер.
Во моментот недостигаат 5.000 помагачи во жетвата, а бидејќи дојде пролет, потребни се уште повеќе. Исто така, ништо подобра не е ситуацијата ниту во индустријата за преработка на месо, бидејќи во тој сектор недостигаат 9.000 работници.
Министерката за земјоделство упати апел до Австријците што се слободни во моментот да се пријават и да го поддржат земјоделството.
Русите масовно купуваат станови
Побарувачката на станови во Русија последните денови речиси се удвои, покажуваат податоците од сервисот за пребарување на недвижности „Циан“.
Според податоците на овој сервис, бројот на барања на корисниците што сакале да пронајдат стан на 10 март бил за 54 отсто поголем во однос на 8 март.
Стручњаците тоа го поврзуваат со наглото слабеење на националната валута, поради што граѓаните традиционално брзаат да ја инвестираат својата заштеда во недвижности.
Истовремено, дојде и до пад на цените на становите. Просечната цена на квадратен метар на 12 март изнесувала 77,8 илјади рубли (околу 900 евра), што е најнизок показател од почетокот на февруари 2020 година. Продавачите сакаат да ги реализираат барањата додека купувачите сè уште располагаат со пари, сметаат стручњаците.
Последните две недели рубљата значително поевтине во однос на светските валути. Доларот моментално вреди повеќе од 80 рубли, а еврото е поскапо од 86 рубли. Тоа е поврзано со падот на цената на нафтата, која од 50 долари падна на 26 долари за барел, и тоа само во март.