Владата го усвои предлог-законот за престанување на важноста на Законот за трговија на зелените пазари. Како што изјави министерот за економија, Крешник Бектеши, законот за трговија беше предложен од група пратеници во Собранието и донесен минатата година, а имаше одложено дејство на примена од почетокот на следната година.
-При предлагањето и донесувањето на овој закон Министерството за економија не беше воопшто консултирано. Министерството за економија, врз основа на направените анализи, компаративни советувања и процени, констатира дека досегашното искуство покажува оти одредбите од Законот за трговија на зелените пазари не се применуваат, односно анализата на овие одредби покажа дека натамошната примена на овој закон би довела до социјални, економски и фискални последици врз продавачите на зелените пазари, што генерално ќе се одрази на целокупниот систем според кој функционираат зелените пазари од аспект на нивната трговија поради што се оцени дека е потребно овој закон да престане со важност – потенцира Бектеши.
За таа цел, како што информира министерот, Министерството за економија уште во ноември годинава достави мислење со кое ја информира Владата дека како орган надлежен за уредување на оваа област и носител на регулативата, активно ја следеше состојбата во периодот од донесувањето на овој закон, па сè до денеска, по што врз основа на направените анализи е оценето дека е потребно престанување со важност на примена на овој закон со оглед што тој не даде позитивни законски решенија во периодот на неговото донесување и применување.
Бектеши информира дека во моментот Министерството за економија работи на ново законско решение, кое ќе треба да биде донесено в година, со кое ќе се уреди оваа тематика, а за неговото изготвување се прават консултации со сите засегнати страни.