Инспекциските контроли околу увозот на опасен мазут се речиси завршени и резултатите ќе бидат објавени во вторник, а од денеска Државниот пазарен инспекторат, кој е орган во рамки на Министерството за економија, започнува со засилени вонредни контроли и на течните деривати со користење на мобилната лабораторија и тоа при влезот во државата и во внатрешниот пазар, односно малопродажбата, изјави денеска на прес конференција министерот за економија Крешник Бектеши.
– Заедно со Пазарниот инспекторат во наредниот период ќе започнеме со засилени контроли на терен за квалитет на сите видови нафтени деривати во државната мобилна лабораторија. Одлучни сме преку засилени контроли да избегнеме можни манипулации со квалитетот на горивата кои што се користат во нашата земја. На тој начин не само што ќе се заштитат потрошувачите од манупиулации со квалитет на горивата, туку ќе се заштити и животната средина. Како што најавивме, во моментот заедно со вицепремиерот Николовски ги собираме сите информации за дистрибуција на сомнителен мазут. Крајниот рок кој им го дадовме на институциите е следниот вторник кога очекуваме дека ќе ги имаме сите информации за евентуалните злоупотреби на увоз на опасен мазут во нашата земја. Доколку не се реализирани сите процедури согласно правилникот за квалитет на течни горива и процедурите за увоз на нафтени деривати, документите ќе им ги предадеме на Јавното обвинителство – рече Бектеши.
Тој нагласи дека сите институции почнувајќи од Царинската управа, ДПИ, МЕ, Инспекторатот за животна средина имаат обврска во роковите предвидени да ги достават сите информации до Владата. Во Министерството за економија, пак, нагласи согласно новиот Закон за енергетика, нашиот правилник за квалитет на горивата е целосно усогласен со директивите на ЕУ. Тоа е потврдено и од енергетската заедница, каде што освен квалитет на сулфурот, како карактеристика треба да се анализираат и други параметри согласно македонскиот стандард (МКС Х430).
– Сакам да ги информирам граѓаните и да ги повикам сите инстутуции дека Владата, МЕ и сите институции нема да имаат компормис кога е во прашање здравјето на граѓаните и заштитата на животната средина во нашата држава – рече Бектеши.
На заедничката прес – конференција се обрати и в.д. директорот на Државниот пазарен инспекторат Анета Симеска Димоска, која нагласи дека заради потребата од согледување на состојбите поврзани со квалитетот на горивата за транспорт кои се пласираат на пазарот Инспекторатот во соработка со Бирото за метрологија, преку користење на Мобилната лабораторија започна со вршење на вонредни иснспекциски надзори на бензиските станици каде се врши промет на мало со моторен бензин и дизел гориво. Денеска до овој момент веќе се извршени три инспекциски надзори кои продолжуваат.
– Денешните надзори се само почеток на вонредни инспекциски надзори и ќе бидат дел од приоритетите на нашата работа во наредниот период и ќе бидат спроведени на територијата на целата држава. Вршењето на инспекциските надзори од страна на инспекторите се во насока на контрола на квалитетот на горивата односно моторниот бензин и дизел горивото за што Мобилната лабораторија е акредитирана. Анализите се однесуваат на својствата на горивата пропишани со правилникот. Во план е овие контроли со мобилната лабораторија и во соработка со ЦУ да се вршат на влез на горивата во нашата држава, односно на нашата граница со цел да спречиме влез на несоодветен квалитет на горива во внатрешниот пазар – рече Симеска Димоска.
Таа порача дека ДПИ заедно со инспекторите и таа како в.д. директор на ДПИ максимално ќе бидат посветени во работата дека со сигурност ќе можат да сметаат дека квалитетот на горивата ќе биде безбеден. ДПИ, нагласи, во контиунуите ќе продолжи да ги врши надзорите и во сите области за кои е надлежен.
На новинарско прашање Бектеши посочи дека во делот на мазутот се утврдени сите анализи и се подготвуваат сите решенија, но дека треба да се има предвид дека мазутот се контролира во други акредитирани лаборатории.
– Тие контроли (во делот на мазутот) се завршени од ДПИ, веќе се вратени неколку цистерни. Не би сакал да навлегувам во имиња на компании на кои се вратени. И во внатрешноста на нашата држава се констатирани нерегуларности и е постапено од ДПИ. Јас веќе наведов дека до вторник сите инститиуции имаат надлежност да достават информација до Владата и согласно тие информации ќе се постапи и да почекаме до вторник – рече Бектеши.
Повтори дека за сите нерегуларности и за имињата на компаниите ќе соопштат во вторник, но нагласи дека тоа се бензински пумпи и увозници кои го покриваат најголемиот дел од пазарот со нафтени деривати.