Поранешниот извршен директор на „Амазон“, Џеф Безос, влезе во судски спор со најбогатиот човек во Индија, Мукеш Амбани, кој е извршен директор на „Рилајанс“. Компаниите се судрија поради различни интереси, а и двете склучија одделни зделки со истата индиска компанија за малопродажба, „Фјучр груп“, пренесува Би-би-си.
Оваа битка меѓу светскиот гигант и индиската компанија може да го обележи растот на електронската трговија во Индија во наредните неколку години. „Фјучр груп“ годинава склучи договор да продаде дел од малопродажните акции во вредност од 3,4 милијарди долари на „Рилајанс индустрис“. Но, од 2019 година, „Амазон“ поседува 49 отсто од акциите, што ѝ дава индиректна сопственост во зделките на „Фјучр груп“. Поради тоа, „Амазон“ тврди дека „Фјучр груп“ има забрана за продажба на акциите на група индиски компании, во кои спаѓа и „Рилајанс“.
– Битката ќе биде голема. „Амазон“ никогаш не се соочил со ваков локален противник на ниту едно поле за продажба – вели Сатиш Мина, аналитичар за прогнози од консултантската куќа „Форестер“.
Благодарение на „Амазон“ Безос стана најбогатиот човек на светот, а поради него малопродажбата беше тотално променета на светско ниво. Но, извршниот директор на „Рилајанс“ исто така има репутација на човек што предизвикува промени.
Поради ковид-пандемијата, луѓето останаа во своите домови и сè повеќе мораа да ги користат услугите на Интернет. Така, доставата на производи стана последното главно „бојно поле“. „Амазон“ го проширува своето присуство во Индија, каде се надева дека ќе заработи од растечкиот пазар за е-трговија. „Рилајанс“, исто така, има планови да го прошири влијанието во тоа поле, но и во бизнисот со достава на намирници.
Најновата рунда од судскиот спор припадна на „Фјучр груп“. Минатиот понеделник, високиот суд во Делхи ја смени претходната одлука со која продажбата беше ставена во мирување. „Амазон“ поднесе жалба.
Ако судот одлучи да го дозволи купувањето од страна на „Рилајанс“, тоа ќе му овозможи пристап до над 1.800 продавници во 420 градови во Индија, како и деловна трговија на големо. Доколку „Амазон“ го добие спорот, ќе ја насочи компанијата за е-трговија. Судскиот спор е доказ колку странски фирми имаат тешкотии со бизнисите во Индија. Без сомнение странските инвеститори ќе погледнат на случајот и ќе се обесхрабрат, а судската одлука ќе прати негативен сигнал дека Индија не е сигурно место за бизнис.
– По САД и Кина, нема друг голем пазар кој би понудил ваква можност за инвестирање. Малопродажниот сектор во Индија вреди околу 850 милијарди долари, но засега само мал дел од тоа е насочено кон е-трговија. „Форестер“ советува дека индискиот пазар ќе порасне за 25,8 отсто и ќе достигне 85 милијарди долари до 2023 година – објаснува Мина.