Од Агенцијата за храна и ветеринарство апелираат да се следат препораките за превенција и заштита од болеста, која не е опасна за луѓето, но брзо се шири и е погубна за свињите, а со тоа и за економијата
Во земјава нема африканска чума, ниту кај свињите на комерцијалните фарми, ниту кај популацијата диви свињи, соопшти директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Атанасов, по информациите дека болеста е многу блиску, во соседна Бугарија, поради што состојбата се следи на дневна основа.
– Апелираме, граѓаните што патуваат во Бугарија и во другите земји каде што е потврдено присуство на африканска свинска чума, при враќање во земјава, во личниот багаж да не носат храна од животинско потекло. Во спротивно, ќе им биде одземена – истакна Атанасов.
Тој информира дека се засилени контролите на граничните премини, и од страна на официјалните ветеринари и од страна на царинските службеници, а поставени се и бариери за дезинфекција поради зголемената фреквенција на патници со оглед на летните одмори.
– Интензивирана е контролата на добиточните пазари, а во сила е и забраната за носење свињи за продажба без потврда за нивната здравствена состојба – истакна Атанасов.
Директорот најави дека ќе се спроведе санитарен отстрел во ловиштата по што ќе се земаат и мостри за анализа. Целта е бројот на диви свињи да се сведе на биолошки минимум за да се елиминира каква било опасност од појава или ширење на африканската чума.
– Мора да ја издигнеме свеста за болеста на повисоко ниво, а тоа значи секој да си ја заврши својата задача. Комуналните инспектори во општините да вршат заловување на свињите што ќе бидат затекнати на јавни површини, одгледувачите во селските домаќинства да ја почитуваат забраната за чување на свињите на отворено, да не ги пуштаат на паша, бидејќи постои ризик да дојдат во контакт со дивите свињи, кои може да ја пренесат болеста. Ловџиите, ловните друштва, шумарските работници и собирачите на шумски плодови да го пријават секое угинување на диви свињи што ќе го забележат до официјалните ветеринари или до најблиското ветеринарно друштво, а ветеринарните друштва будно да ја следат здравствената состојба на свињите во одгледувалиштата и до официјалните ветеринари да го пријават секој сомнеж за појава на оваа болест – напомена Атанасов.
Според него, многу е битно вработените на комерцијалните фарми да не се занимаваат со лов на диви свињи и дома да не чуваат свињи.
Директорот на АХВ потсети дека се спроведени биосигурносни мерки во сите големи комерцијални фарми каде што се застапени до 40 отсто од гоениците, додека другите 60 проценти, кои ги чуваат селските домаќинства, би било добро да ги испочитуваат препораките.
Африканската свинска чума првпат се појави во 2007 година, во Казахстан, но брзо се прошири и во другите земји. Денес ја има во Романија, Унгарија, Естонија, Латвија, Летонија, Белорусија, Украина, Полска,…
Болеста не е опасна за луѓето, но брзо се шири и е погубна за свињите. Особено се големи економските загуби, ако навреме не се интервенира и спречи.
АХВ во континуитет презема мерки за заштита, донесени се забрани за увоз и транзит на свињи, производи и нуспроизводи од свинско месо од земјите и регионите каде што е потврдено присуство на болеста, а од 2017 година почна и мониторингот на присуство на африканска чума кај дивите свињи. Изработен е план за итни мерки и оперативен прирачник за справување со африканската чума. Е.Р.