Она што го почнавме на почетокот на оваа ковид-криза, а во духот на транспарентноста и отчетноста, односно навремено па дури и предвремено информирање на јавноста за спроведувањето на буџетот и за состојбата на јавните финансии – го продолжуваме и сега. Ова е четврт месец по ред како преку прес-конференции по завршување на месецот, или 25 дена однапред, ја информираме јавноста за месечното извршување на буџетот. Се надевам дека оваа добра пракса ќе остане и за понатаму – без разлика дали резултатите се добри или лоши, дали економијата е во експанзија или контракција, односно во криза“, изјави министерката за финансии, Нина Ангеловска, од прес-конференцијата во Владата, информирајќи за реализацијата за месец јуни, како и вкупно за целото прво полугодие од 2020 година.
Она што радува е дека резултатите се подобри од очекуваното. Тоа укажува дека закрепнувањето е почнато и истото може да оди и побрзо од очекувањата. На приходната страна, кумулативно од почетокот на годината сè уште се забележува пад. Сепак, тој е значително ублажен, а кај одредени давачки се забележува дури и висок раст во споредба со истиот период минатата година.
Во периодот јануари – јуни, вкупните буџетските приходи се остварени на ниво од 44% од ребалансот (годишниот план) или во износ од 87,4 милијарди денари. Ова е за 9% помалку во однос на истиот период лани. Процентот на остварување во однос на планот е речиси ист како и минатата година. Тоа укажува дека е задржана динамиката на наплата на приходите. Мора да се напомене дека реализацијата на вкупните приходи во јуни е значајно подобра од очекувањата, реализацијата на приходите во јуни е за 9.6% пониска во однос на јуни минатата година (додека во сценариото бевме подготвени за 20% пониски). Даночните приходи во првата половина од година бележат пад од 13% на годишно ниво и изнесуваат 47,3 милијарди денари. Досега се реализирани 44% од планот, што е речиси непроменета реализација во однос на план споредено со лани. Само за јуни, согласно сценариото од ребалансот проекциите беа во надолна линија со очекуван пад од нешто над 20%, додека остварениот пад е -14,4%. Ова е позитивна разлика од околу 700 мил.денари. По падот од 31% и 29% во април и мај респективно, се забележува позитивно придвижување и подобрена наплата кај даноците“, вели Ангеловска.
Кај приходите од ПДД има позитивни движења. Во второто тримесечје движењата по месеци се -11,7% (април), -25,7% (мај), за во јуни да биде регистрирана позитивна стапка 1,7%. Ова во голем дел се должи на мерките на Владата за помош во исплата на плати за фирми погодени од Ковид. ДДВ исто така има позитивно движење. Во април и мај падот кај ДДВ беше 43,5% и 33%, додека во јуни е 7,5%. Негативните стапки опаѓаат во второто тримесечје. Повратот на ДДВ исто така се одвива непречено и фирмите го добиваат повратот во регуларна динамика. Во услови на криза, повратот на ДДВ во првото полугодие од 2020 е повисок за 660 милиони денари спредено со истиот период лани или 6% повеќе. Ублажувањето на падот на приходите од ДДВ, меѓу другото се должи и на спроведените мерки за поддршка на личната потрошувачка.
Се забележува позитивен тренд кај придонесите кои растат со стапка од 8% или вкупно досега изнесуваат 31,7 милијарди денари. Ова е добар сигнал за движењата на пазарот на труд. Стапката на раст покажува дека мерките за поддршка за зачувување на работните места во борба со ковид-кризата даваат резултат. Растот од 12% на овие приходи покажува одлична респонзивност на стопанството на преземените мерки. Во април и мај стапките беа 1,5% и -0.9%, што значи и тука има позитивни движења видно од месечните податоци.
Расходната страна во првото полугодие бележи раст на годишно ниво, во најголем дел како резултат на преземените мерки во борба со ковид-кризата. Вкупните расходи изнесуваат 113 милијарди денари, што е зголемување од 9,9% на годишно ниво или 10,2 милијарди денари (46,7% од буџетираните расходи). Оправданоста за ваквиот пораст на расходите се содржи во исплата на: повисоки пензии, социјална помош, плати, како и поддршка за фирми и граѓани погодени од ковид-19 во износ од околу 5,4 милијарди денари (88 милиони евра).
Дефицитот во буџетот во првото полугодие е остварен во износ од 25,9 милијарди или 3,8% од БДП, и е согласно проекциите, односно се одвива согласно динамиката што ја планиравме. И покрај предизвиците со кои се соочува македонската екномија, во услови на справување со ковид-19, извршувањето на буџетот се одвива по план, а ликвидноста е обезбедена. Целта на Министерството за финансии е да обезбеди континуирано извршување на буџетот, без застој, во законски утврдените рокови вработените да земат плата, социјално загрозените да ги добијат навремено своите надоместоци, фирмите редовно да ги наплаќаат своите побарување кон буџетските коирсници, да нема заостанати обврски, како и навремен поврат на данок.
Тука се и мерките за Ковид, поддршка која државата ја дава на граѓаните и фирмите, во согласност со можностите, преку домашната платежна картичка, преку субвенционраните плати и придонеси, преку одложувањата на плаќањата на даночните обврски. Останува обврската и одговорноста на државата да ги обезбеди и испорачува јавните добра и услуги до сите, особено сега, во овие тешки времиња. Очекуваме и во третиот и четвриот квартал од годината постепено закрепнување на домашната економија, кое ќе биде поддржано од реализација на третиот сет на мерките наменети за заживување на економската активност, додаде Ангеловска.