Интезивно се работи на реформи во управувањето со јавните финансии, особено во насока на подобрување на фискалната транспарентност и нов интегриран информациски систем за управување со финансиите. Ова беше истакнато на Советот за управување со јавните финансии кој се одржа во Министерството за финансии по повод разгледување на полугодишниот извештај за aкцискиот план за 2019 година за Програмата за реформа на управувањето со јавните финансии (ПФМ).
На Советот, со кој претседаваше министерката за финансии Нина Ангеловска, беше истакнато дека Министерството за финансии заедно со Управата за јавни приходи, Царинската Управа, Бирото за јавни набавки, Државниот завод за статистика, Државниот завод за ревизија, Министерството за економија и Државната комисија за жалби по јавни набавки, забрзано работат на реализација на активностите планирани во Акцискиот план.
Ангеловска посочи дека наскоро ќе биде пуштен во употреба порталот „Отворени финансии“ кој е дизајниран да ѝ овозможи на јавноста преглед на сите исплати од Трезорот. Исто така, се објавуваат и нови податоци и анализи дадени во Фискалната стратегија и Годишниот план за управување со јавниот долг, а неодамна во посебна апликација почна да се објавува реализацијата на капиталните расходи по буџетски корисник.
Ангеловска посочи дека Министерството за финансии го финализира текстот за новиот Закон за буџети, согласно коментарите на Светска банка, Меѓународниот монетарен фонд и Европската комисија. Паралелно со реформите во буџетот продолжуваат реформите во системот за управање со јавните финансии преку воспоставување на нов ефикасен и интегриран информациски систем за управување со финансии (ИФМИС) кој ќе обезбеди интегрирано следење на приходите и расходите од нивното планирање до целосна реализација. Техничката спецификација на ИФМИС се подготвува со стручна поддршка на експерти од Светската банка, и истата треба да се финализира до крајот на 2019 година.
Исто така, финализиран е и текстот на новиот Закон за јавна внатрешна финансиска контрола кој се очекува да биде усвоен во текот на следната година.
Сите реформски процеси ќе продолжат и во наредниот период што ќе се рефлектираат во новиот Акциски план за 2020 година, рече Ангеловска и додаде дека ги охрабрува институциите да продолжат со спроведувањето на планираните мерки за зајакнување на нивните административни капацитети.