Премиерот Зоран Заев, заедно со вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи одржаа средба со претседателот на грчко-американската комора, Николаос Бакацелос и со претставници на компании членки на комората.
На средбата премиерот Заев бил информиран дека американска компанија за рециклирање на пластика е заинтересирана за отворање на фабрика во Македонија. Оваа американска компанија веќе 10 години работи во Грција со најсовремена технологија за рециклирање, појаснуваат од кабинетот на Заев.
Компаниите изразиле интерес за заеднички вложувања и за инвестиции во енергетиката, обновливите извори како и во циркуларна економија во насока на спроведување на Зелената агенда, како и во агро секторот.
Премиерот Заев истакна дека Македонија посветено работи на унапредување на економската регионална соработка, за што говорат и податоците за солидна трговска размена со земјите од регионот како и заедничките проекти во полето на енергетиката.
Премиерот Заев и вицепремиерот Битиќи ги поканија компаниите во земјата, да дојдат да ги искористат можностите за инвестирање, како и за заеднички вложувања со националните компании.
На состанокот се дискутираше и за придобивките од влезот на Македонија во НАТО што за инвеститорите е јасен и позитивен сигнал бидејќи ја зголемува предвидливоста и сигурноста на деловниот амбиент за нови инвестициски вложувања.
Презентирајќи ги можностите за инвестиции премиерот Заев додаде дека позитивните исчекори што Македонија ги прави за придвижување на интеграциските процеси на земјата се уште еден силен импулс за отворање на економските перспективи, а еден од начините за остварување на таа цел е токму зголемувањето на регионалната соработка.
На средбата беа истакнати позитивните трендови во земјата кои даваат сигнал на стабилизирање на економија, зајакнување на довербата кај инвеститорите како резултат на позитивните движења во економијата, раст на извоз, индустриско производство, внатрешниот промет како и раст на просечната плата.