Најновите статистики покажуваат дека 23,5 отсто од населението на ЕУ, околу 118 милиони луѓе, се изложени на ризик од сиромаштија или социјална исклученост. Во Европската Унија БДП по жител просечно е 36 илјади евра, додека во Македонија е околу 6 илјади евра по жител. Прашањето и дилемата што се наметнуваат кога ќе се споредат ваквите статистички показатели се како Македонија со толку низок БДП по жител може да се справи со сиромаштијата ако не можат државите на ЕУ, кои се многу побогати и со многу посилни економии
Повеќе од еден на пет граѓани на Европската Унија се изложени на ризик од сиромаштија или социјално исклучување, а со највисоки стапки се граѓаните во Грција, Романија и во Бугарија.
Најновите статистики покажуваат дека 23,5 отсто од населението на ЕУ, околу 118 милиони луѓе, се изложени на ризик од сиромаштија или социјална исклученост. Од населението во ЕУ, 17,3 отсто се изложени на ризик од релативна сиромаштија при приходи, 7,5 отсто се силно материјално лишени, а 10,5 отсто живеат во домаќинства со многу низок интензитет на работа.
Ако се вакви показателите за ЕУ, како напредна и високоразвиена економија, со многу поголем БДП по жител од нашиот, тогаш каде ли е Македонија?
Постојат повеќе показатели што упатуваат и на тоа дека во Македонија има голем број граѓани што живеат или во сиромаштија или на прагот на сиромаштија. И доколку направиме споредба меѓу порастот на бруто-домашниот производ по жител меѓу Македонија и Европската Унија, се забележува огромна разлика во нивната висина, што е уште еден доказ дека нашата земја е далеку од достигнувањето на стандардот на развиените земји, но исто така и со голем ризик за сиромаштија.
Генерално, ако земеме дека во Македонија БДП е околу 6 илјади евра по жител, иако тој е нешто понизок, и ако просечно во Европската Унија БДП по жител е 36 илјади евра, прашањето е како тогаш Македонија со толку низок БДП по жител да се справи со сиромаштијата ако не можат државите на ЕУ, кои се побогати и со многу посилни економии.
Според Еуростат, постои голема разлика меѓу земјите-членки: на пример, помеѓу 13,3 и 18 отсто од населението се изложени на ризик од сиромаштија или социјална исклученост во Австрија, Данска, Холандија и во Финска, додека повеќе од 35 отсто од населението се изложени на ризик во Бугарија, Грција и во Романија.
Стапката на сиромаштија во Македонија сѐ уште е многу висока и изнесува 22,2 отсто. Имено, жените и младите лица сѐ уште се тие што ја движат стапката на невработеност и неактивност.
Економскиот аналитичар во „Фајненс тинк“, Иван Вчков, смета дека во Македонија владее голема зависност од социјалните трансфери (пензиите и социјалната помош), стапката на сиромаштија пред овие трансфери изнесувала 25,7 отсто.
– Исто така, неусогласеноста со понудата и побарувачката на знаења и вештини на пазарот на труд сериозно го поткопува потенцијалот за намалување на сиромаштијата и подобрување на социоекономската клима во Македонија. Нашите истражувања укажат дека ниската плата, која е различна по региони во Македонија, е исто така фактор за високата стапка на сиромаштија, со оглед на тоа дека кај многу домаќинства, иако работат и остваруваат примања, сепак тие примања се толку ниски што запаѓаат во економски тешкотии и продолжуваат да зависат од социјалните трансфери за да можат да ги задоволат своите потреби – нагласува Вчков.
Професорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети, вели дека единствен начин за намалувањето на сиромаштијата е економскиот пораст и развој.
– Кај сиромаштијата не е доволно само економски пораст туку пред сѐ развој, што подразбира и поинтензивна и хоризонтална распределба на тој пораст. Порастот и развојот се постигнуваат со инвестиции, почнувајќи од образованието како основа за одржлив пораст – смета Беџети.
Како што истакнува тој, високата стапка на сиромаштија ја генерира високата стапка на невработеност и нејзината природа останува структурална и ендогена.
– Сивата економија може да биде еден од факторите што статистички генерираат сиромаштија, но проблемот не е до статистичката туку до фактичката сиромаштија. Впрочем, кај нас, барем статистички, стапката на неформалната економија е помала од Албанија, но стапката на сиромаштија е повисока, затоа што во Албанија стапката на невработеност е пониска за речиси 40 отсто во однос на Македонија – посочува Беџети.
Но прашање е дали вработувањето е гаранција за квалитетен живот и дали социјалната помош и платите треба да се приспособуваат на животниот стандард на граѓаните.
Според универзитетскиот професор Марјан Петрески, вработувањето е најздравиот начин да се излезе од сиромаштија и да се обезбедат сопствената одржливост и одржливоста на домаќинството.
– Секако, мора да забележиме дека постои и таканаречена работничка сиромаштија, во која, и покрај тоа што имаат работа, домаќинството живее под линијата на сиромаштијата. Тој процент, сепак, изнесува околу 9 отсто, наспроти вкупната стапка на сиромаштија. Стапката на сиромаштија се намалува и со социјалните трансфери, како пензиите и социјалната помош, но тие мора да се сфатат како државна поддршка за лица што не се работоспособни, било поради старост или нарушено здравје – објаснува Петрески.
Како што вели тој, работоспособните и здрави лица мора да си го подобрат својот животен стандард преку работа, да бараат и да прифаќаат работа што им се нуди, наместо да чекаат државна поддршка во која било форма. Од друга страна, аналитичарите се согласни дека се потребни и радикални промени и креирање економски политики што ќе бидат насочени кон високи стапки на пораст на БДП, што не само што ќе нѐ извлече од сиромаштијата туку и ќе ја доближи државата до нашите стратегиски цели, како што е членство во НАТО и во ЕУ.