Со завршниот анекс ќе бидат дефинирани сите технички аспекти на зафатот во согласност со светските стандарди, вклучувајќи ги клучките кон сите населени места
Со третиот анекс на договорот за изградба на автопатската делница Охрид – Кичево, кој е во завршна фаза од подготовка, дефинитивно ќе бидат решени сите дилеми и проблеми за градежните активности на трасата. Ќе се направи јасна динамика по која ќе се изведуваат градежните активности на патот, како и експропријацијата на имотите на граѓаните. Ова го кажа вчера вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, кој заедно со директорот на ЈП „Државни патишта“, Зоран Китанов, изврши увид на градежните работи на автопатот.
Анѓушев истакна дека со тој завршен анекс ќе бидат дефинирани сите технички аспекти на зафатот во согласност со светските стандарди, вклучувајќи ги и клучките кон сите населени места по должината на трасата, со приклучување кон регионалните и локалните патишта, како и со финалната изведба на тунелите на трасата, и тоа според постојната геолошка структура.
– Направивме обемни консултации, вклучивме широки технички и финансиски тимови за да бидеме сигурни дека тоа што го правиме и од технички и од финансиски аспект е максимално издржано – рече тој, потсетувајќи на проблемите што беа затекнати.
Како пример тој го посочи токму тунелот кај Пресека, каде што пробивањето изискува многу повисока цена за изведба отколку предвиденото.
– Тунелот бил проектиран без геолошки испитувања и како таков имал една вредност. Сето тоа моравме да го усогласиме со кинескиот изведувач. Преку соработка со австриски и американски агенции и компании за патишта, експерти на Градежниот факултет од Скопје, утврдени се конечните цени на чинење на зафатот. Претходно разликата во цената беше над 50 проценти, сега тоа ќе биде сведено на десетина проценти, така што мислам дека на тој начин ќе направиме сериозни заштеди од 70 до 100 милиони евра – појасни Анѓушев, најавувајќи интензивирање на градежните активности.
Според динамиката, прва ќе биде готова делницата од Охрид докај селото Врбјани, додека делот кон Кичево ќе следува подоцна, поради сложеноста на тој дел од трасата, каде што се градат надвозници и вијадукти во должина од повеќе од 7,5 километри. Најсложен зафат на тој дел од трасата накај Кичево е вијадуктот во близината на селото Добреноец.