Проф. д-р Татјана Бошков активна учесничка од Македонија на регионален панел во пресрет на Експо 2027!
Конференцијата за женско претприемаштво што деновиве се одржа во Белград, во пресрет на Експо 2027, потврди дека зајакнувањето на учеството на жените и нивното вклучување во економијата е од исклучиво значење за економската иднина.
Како исклучително значаен дел од конференцијата беше панелот „Од мој агол“, модериран од познатата српска актерка Ива Штрљиќ, на кој учествуваа Татјана Бошков, редовна професорка на Факултетот за туризам и бизнис-логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Драгана Милица Николиќ, членка на одборот на Пленарното собрание на Стопанската комора на Берлин, и Енрико Мураторе Апросио, поранешен претставник на ООН, основач и претседател на „Колориер И’Авенир“ од Женева. Говорниците на панелот заедно обработија една од најважните теми денес – проширување на економското учество на жените и искористување на можностите на Експо 2027 за Македонија и Србија, односно за земјите од Западен Балкан.
Со посебно внимание беше проследен настапот на проф. д-р Бошков, која, повикувајќи се на научни истражувања и практични сознанија, истакна дека женското претприемаштво во Македонија и Србија расте, но и понатаму се соочува со сериозни структурни предизвици. Притоа жените од регионот сочинуваат околу една третина од претприемачите, а се проценува дека истовремено регионот губи околу 5 отсто од БДП поради нивното недоволно учество. Во тој контекст, Експо 2027 се наметнува како регионален катализатор за економско зајакнување на жените претприемачи и клучен двигател за економско зајакнување на жените преку поголема видливост, пристап до инвестиции и вклучување во глобалните мрежи, со потенцијал за создавање поинклузивен економски систем на долг рок. Во таа насока, проф. Бошков нагласи дека за Србија, Експо 2027 може да ја зајакне нејзината позиција како регионален центар за иновации и претприемаштво, а за Македонија ова е можност за интеграција на локалните бизниси во поширок регионален и глобален економски екосистем.
М-р Драгана Николиќ, работејќи на меѓународен развој на бизнис и меѓупазарна соработка, потенцираше дека најголемиот потенцијал на бизнисот лежи во соработката, каде што успехот се темели на луѓе, доверба и силни мрежи, поддржани со лидерство, јасна визија и истрајност. Според Николиќ, најуспешни компании не се оние што работат изолирано, туку оние што градат партнерства, разменуваат знаење и создаваат мостови меѓу пазарите. Затоа таа ја нагласува важноста на внатрешната јасност и истрајност во претприемаштвото, развојот на лидерството како основа за одржлив бизнис и градењето силни мрежи и меѓународни партнерства.
Енрико Мураторе Апроcио елаборираше глобална перспектива на оваа проблематика, потсетувајќи нè дека зајакнувањето на жените не е само економско прашање туку и општествено, и цивилизациско, кое е тесно поврзано со рамнотежата, мирот и долгорочниот развој.
Присуството и поддршката од претставниците на Владата на Република Србија и министерката за грижа за семејството и демографија, како и други институционални гости и посетители, ја потврдија важноста на женското претприемаштво како стратешки приоритет во насока на искористување на можностите на Експо 2027.
Конференцијата беше организирана од Стопанската комора на Србија и поддржана од Алта банка од Белград како генерален спонзор. Е.Р.
































