Фото: Игор Бансколиев; Неопходно е осовременување и зголемување на капацитетите за поголемо производство на домашна енергија

Цената на нафтата на светските берзи деновиве е повторно во пораст, а продолжува неизвесноста и во однос на движењето на цените на другите енергенти. Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека никој не може со сигурност да каже кога и на кое ниво ќе се стабилизираат цените, но секако очекувањата се дека ќе биде тешка година, поради што најдобро е секоја држава да работи кон зголемување на енергетската независност

ПОВОД: РАСТОТ НА ЦЕНАТА НА ЕНЕРГЕНТИТЕ

Цената на нафтата на светските берзи повторно е во пораст, а доколку продолжи овој нагорен тренд, не е исклучено глобалната економија повторно да се соочи со „нафтената криза“, која беше најизразена минатата година. Цените на нафтата пораснаа во петокот на меѓународните пазари, кон нивото од 87 долари за барел, поткрепени од подобрените економски изгледи за Кина што навестуваат посилна побарувачка на енергентот во втората според обем економија во светот и најголем светски купувач на нафта. На лондонскиот пазар цената на барелот во попладневното тргување беше повисока за 47 центи отколку на затворањето на тргувањето во четвртокот и изнесуваше 86,53 долари. На американскиот пазар со барелот се тргуваше по 39 центи повисока цена отколку претходниот трговски ден, од 80,72 долари. Трговците се фокусираа на прогнозите за силно закрепнување на кинеската економија по укинувањето на строгите мерки за сузбивање на коронавирусот. Тоа може да влијае и на одлуката на Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC), која кон крајот на минатата недела објави дека барелот од кошницата на референтна нафта на нејзините членки поевтинил за 2,02 долара, на 82,06 долара.
За Македонија, која е целосно зависна од увозот на нафтени деривати и на природен гас, движењето на цената на нафтата по нагорна линија секако ќе се одрази врз граѓаните и економијата.Во петокот Регулаторната комисија за енергетика донесе нова одлука за поскапување за два денара на еуросуперот, дизелот и нафтата за домаќинството, со што се приближуваат на цените што важеа во ноември минатата година. Тогаш, еуросуперот 95 чинеше 88,50 денари за литар, еуросуперот 98 се продаваше за 90,80 денари, дизелот за 90 денари и екстра-лесното масло за горење за 85,50 денари.Потоа следуваа недели на поевтинување на нафтените деривати, за да го достигнат најниското ниво на 26 декември 2022 година. Цените што беа објавени од Регулаторната комисија беа: 77 денари за еуродизелот 95, 79,50 денари за еуродизел 98, дизелот чинеше 80 денари за литар. Од петокот еуросупер 95 се продава за 82,50 денара, еуросупер 98 за 85 денари, еуродизелот за 83,50 денари и нафтата за домаќинство 83 денари.

Од Регулаторната комисија за енергетика сметаат дека поминува перидот кога имаше намалување на цените на гасот и на нафтата на светските берзи.
– Станува збор за тренд што е од краток временски карактер и донекаде е очекуван во деновите кога економската активност е забавена поради празниците и зимските одмори. Ако се анализираат цените на берзите низ годините, токму во периодот на божиќните празници секогаш оделе надолу, се разбира доколку се исклучи периодот на карантинот, поради ковид-19, период што е специфичен и атипичен за економски анализи. Секако, влијанието има и тоа што резервите за природен гас низ цела Европа се полни, повеќе од вообичаено за овој период од годината, поради топлото време. Но она што е сигурно е дека секако постои неизвесност, која е поврзана со украинско-руската војна. Никој не може да каже со сигурност на кое ниво ќе се стабилизираат цените, но секако очекувањата се дека ќе биде тешка година. Единствено решение е секоја земја да работи кон зголемување на енергетската независност – ни изјави Марко Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.
Меѓународната агенција за енергија (МАЕ – ИЕА) прогнозира дека глобалната побарувачка на нафтата годинава ќе достигне рекордни 101,7 милион барели дневно, а кинеско закрепнување прогнозираат и од ОПЕК.
– Многу трговци веруваат дека веројатно ќе бидеме сведоци на посилна побарувачка од Кина, имајќи предвид дека од ден на ден се укинуваат ковид-мерките – изјави Наим Аслам, експертот за енергетика од „Аватреид“.
Цените на нафтата ги поддржуваат и надежите дека американската централна банка Федерални резерви (ФЕД) наскоро ќе донесе одлука за поумерено подигнување на клучните каматни стапки и дека изгледите за американската економија ќе се подобрат, што ќе ја зголеми и побарувачката за енергија.
– Сѐ поголеми се шансите, како што се чини, дека американската економија само благо ќе забави – изјави Лејл Брејнард, потпретседателката на ФЕД.
Според Едвард Моја од OАНДЕ, двете најголеми светски економии, САД и Кина, имаат потреба од повеќе сурова нафта.

Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) проценува дека глобалната побарувачка за нафта оваа година ќе достигне рекордно ниво. Во последните три месеци од минатата година побарувачката беше попречена од слабата активност во европската индустрија и топлиот почеток на зимата, но и од заклучувањето во Кина и прекините на сообраќајот во САД и Канада поради снежните бури. Оваа година побарувачката треба да закрепне и да порасне за 1,9 милион барели дневно, на рекордни 101,7 милион барели дневно, а речиси половина од растот на побарувачката ќе се должи на Кина, која ги укина строгите мерки за сузбивање на ковид на крајот на минатата година, како што проценува ИЕА.
Минатогодишната понуда порасна за 4,7 милиони барели дневно, а годинава би требало забележително да забави и да се зголеми само за еден милион барели дневно, поради очекуваниот пад на производството во Русија, што ќе се одрази со намаленото производство на членките на ОПЕК.
Во декември извозот на руска нафта се намали за 200.000 барели, на 7,8 милиони барели дневно, поради ембаргото на Европската Унија и ценовната граница наметната на руската нафта од Г7 и нејзините сојузници. Во такви услови, Русија понуди рекордни попусти на извезената нафта, што го намали приходот во декември за три милијарди долари, на 12,6 милијарди долари, пресмета ИEA.

М.Ј.