Бројките на Државниот завод за статистика (ДСЗ) откриваат дека имаме намалување на засадените површини со пченица и тутун, додека има раст кај површините засадени со јачмен и домати. Сепак, кај доматите, и покрај растот на насадените површини, се намалени произведените количества од оваа култура. Зачудува фактот што иако имаме раст на површините што биле засадени со домати, произведените количества се намалиле. Па така, кај доматите, од некогашните 23.999 килограми добиени од еден хектар во 2013 година, количеството спаднало на 20.541 килограм од хектар…
Големо намалување на насадените површини и на приносите од некои традиционални култури
Државниот завод за статистика (ДСЗ) излезе во јавноста со информација за големо намалување на насадените површини со некои од традиционалните земјоделски продукти, но и за намалување на приносите на дел од традиционалните култури.
Бројките говорат дека имаме намалување на засадените површини со пченица и тутун, додека има раст кај површините засадени со јачмен и домати. Сепак, кај доматите, и покрај растот на насадените површини, се намалени произведените количества од оваа култура.
– Растителното производство во периодот од 2013 до 2023 година се карактеризира со намалување на површините под пченица и тутун, а површините на јачмен и домати бележат пораст – посочуваат статистичарите во публикацијата насловена „Македонија во бројки“.
Податоците откриваат дека во Македонија земјоделските површини засадени со пченица значително се намалиле, па од некогашните 80.980 хектари колку што биле посадени во 2013 година, во текот на минатата 2023 година со оваа житна култура биле засеани само 69.522 хектари.
Намалување имаме и кај засадените јаболка и винови лози. Имено, од 4.385.971 засадени јаболка во 2013 година, нивниот број се намалил на 4.056.034 стебла во 2023 година. Исто така и кај грозјето има намалување, па од 82.354 илјади родни пенушки во 2013 година, нивниот број се намалил на 78.778 илјади стебла минатата година.
Од друга страна, статистичарите утврдиле дека кај засадените површини со домати имаме раст. Па од 5.457 хектари во 2013 година, површините на кои се засадува овој зеленчук се зголемиле на 5.666 хектари.
Но се забележува уште една негативна појава во македонското земјоделство. А тоа се слабите приноси по хектар. Зачудува фактот што иако имаме раст на површините што биле засадени со домати, произведените количества се намалиле. Па така, кај доматите, од некогашните 23.999 килограми добиени од еден хектар во 2013 година, количеството спаднало на 20.541 килограм од хектар.
Ниту кај пченицата состојбите не се значително подобри. Па така, во 2013 година биле произведени 3.198 килограми пченица по хектар, додека во 2018 се зголемило производството на 3.396, за во текот на минатата година повторно да има намалување и да спадне на 3.095 килограми пченица по хектар.
Дури и приносите на јаболката се намалиле. Имено, кај јаболката, статистичарите пресметале дека на едно стебло во 2013 година се родиле 26 килограми јаболка, чие количество се зголемило во 2018 година, за потоа минатата година да забележи драстичен пад и да спадне на само 20 килограми јаболка од стебло.
Земјоделците и упатените во земјоделските култури посочуваат дека во приносите на одредени култури голем удел играат и временските услови, кои во последниве години во Македонија воопшто не се поволни. Сушните периоди, повремените обилни дождови и невремињата стануваат сѐ почести, што, според самите земјоделци, во голема мера се одразува врз производството.
– Традиционално садиме раноградинарски производи веќе петнаесетина години заедно со сопругот. Најпрво тоа го почнавме како помош на неговите родители, но потоа ние ја презедовме одговорноста. Иако ги менуваме површините на кои засадуваме краставици и домати, сепак, последниве години забележуваме дека и доматите и краставиците ни даваат помалку род. Се трудиме да следиме и трендови за нивна заштита, сопругот редовно ги прска, но родот се намалува. Дали тоа се должи на промената на климата или на други фактори не сме сигурни. Во дел од нивните каде што садиме имаме поставено систем капка по капка, но и таму родот е помал – ова за „Нова Македонија“ го кажа Стојанка Трајковска од скопско Драчево, која многу години работи на нивите. Е.Р.