Одбележувајќи го Меѓународниот ден на волонтерството, 5 декември и со цел промовирање на одржливоста и корпоративната општествена одговорност, ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, членка на ADP групацијата, спроведува активности за садење дрвја во заедниците каде што работи – Општина Илинден и Општина Охрид.
Со активноста за садење дрвја во Општина Илинден, ТАВ Македонија вчера ја започна својата традиционална зелена иницијатива „Садиме денес за одржливо утре“, која има за цел да го зголеми бројот на нови дрвја во земјата и да придонесе за позелена средина во заедниците каде што работат двата македонски аеродроми – Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид.
Вработените на Меѓународниот Аеродром Скопје и на Општина Илинден, предводени од генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт и градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, заеднички засадија 30 црвени сливи на просторот до основното училиште „Гоце Делчев“ во оваа општина, кои ќе го разубават местото планирано да се уреди како рекреативен парк за граѓаните на Илинден.
-Горд сум што втора година по ред ја спроведуваме нашата зелена иницијатива „Садиме денес за одржливо утре“ и што нашата стратешка цел кон одржливост се совпаѓа со зелените активности на Општина Илинден. Би сакал да им се заблагодарам на нашите вработени кои волонтираа и ни се придружија, како и на градоначалникот на Илинден и на вработените на Општината, со кои заеднички го дадовме нашиот придонес со секое засадено дрво. Нашите заеднички еколошки активности се симбол на нашата заедничка грижа за иднината. Со оваа акција, на Меѓународниот ден на волонтерството, 5 декември, покажуваме дека малите чекори водат до големи промени, кон почист воздух, позелени заедници и подобар живот за сите – изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

Целта на ТАВ Македонија, како општествено одговорна компанија е да придонесе за одржливост, особено во општините каде што работат двата аеродрома, со што ќе се подигне свеста за важноста на еколошката кауза и колективната грижа за природата.
Акцијата „Садиме денес за одржливо утре“ на ТАВ Македонија ќе продолжи во Охрид следната недела, каде што вработените на охридскиот аеродром ќе садат дрвја во оваа општина.
Со донирање и садење дрвја во општините каде што работат Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, ТАВ Македонија уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон заедниците и животната средина, акција која станува традиција и преку која ќе продолжи да ја поддржува грижата за природата и проектите што создаваат трајни, позитивни промени во општеството.


































