Заврши амандманската расправа за ребалансот на Буџетот за 2022 година на Комисијата за финансирање и буџет. Од поднесени 204 амандмани, од кои над 170 на ВМРО-ДПМНЕ, 28 на Алијанса на Албанците и два на СДСМ, беа прифатени околу десет.
На десеттиот, последен ден од расправата беа прифатени двата амандмана на СДСМ, кои се однесуваат за набавка на опрема и машини за јавно здравствените установи.
На крајот од расправата не помина амандманот на ССМ, предложен како комисиски, со кој вработените во јавниот сектор требаше да добијат зголемување на платите за 2.806 денари. Не помина и амандманот за парична помош за приватниот сектор.
Заменик-министерот за финансии Филип Николоски рече дека веќе е договорено зголемување на платите за околу 90.000 лица во јавниот сектор од вкупно 130.000.
– На 17.000 вработени во јавниот сектор им се зголеми минималната плата од 15.200 на 18.000 денари, во образованието на 37.000 лица се договори зголемување на плата за 15 отсто, кое ќе почне од септември. Во МВР 12.000 ќе имаат поголема плата за пет проценти, во култура 3.500 лица ќе имаат зголемена плата за 30 отсто, во судство и обвинителство 2.600 лица ќе имаат зголемена плата од 15 проценти, во здравство над 20.000 лица ќе добијат зголемување од пет отсто – рече заменик-министерот Николоски.
Другите одбиените амандмани на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса на Албанците, за кои се расправаше денеска, најмногу се однесуваа за изградба на дневни центри за деца со посебни потреби и за стари лица, за зголемување на платите во образованието, зголемување на фондот за талентирани деца и друго.
Образложението на заменик-министерот за финансии беше дека за тоа ќе одлучат надлежните или пак, дека веќе се обезбедени средства за таа намена.
Со ребалансот на Буџетот, вкупните приходи се планирани на ниво од 245,8 милијарди денари и се за околу 6,9 милијарди денари или 2,9 проценти повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Износот на вкупните расходи е 288,5 милијарди денари или за околу 161,1 милијарда денари (5,9 проценти) повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година.
Капиталните расходи се планирани на ниво од 32,2 милијарди денари и се за околу шест милијарди денари пониски во однос на планот за 2022 година, но од власта најавуваат дека ќе продолжат проектите за изградба на патишта, железници, гасоводи. Се планира економскиот раст да биде 3,2 проценти, инфлацијата да достигне до 7,2 проценти, а дефицитот да биде 42,7 милијарди денари.
По завршувањето на амандманската расправа во Комисијата за финансирање и буџет, Буџетот се враќа во Владата, која треба како дополнет предлог да го достави во Собранието, каде во рок од пет дена треба да биде разгледан на пленарна седница.