Фото: Игор Бансколиев

Нашата земја го губи приматот што некогаш го имала во производството на афион, сончоглед, шеќерна репка, памук, маслодајна репка, свила и жито. Некои од овие индустриски култури се комплетно исчезнати од македонските ниви, некои сѐ помалку се сеат, а површните со некои од нив континуирано се намалуваат или стагнираат. Од друга страна, Македонија троши милиони евра за увоз на финалните производи од овие култури, и покрај тоа што има услови за домашно производство. Тоа е само уште една потврда за важноста на домашното производство, во спротивно стануваме држава што е лесен плен и на политички и на економски план

ПОСЛЕДНИТЕ 30 ГОДИНИ ДРАСТИЧНО НАМАЛЕНО ПРОИЗВОДСТВОТО НА СИТЕ ПОВАЖНИ ЗЕМЈОДЕЛСКИ КУЛТУРИ

Инвестирањето во македонското земјоделство може да биде еднакво на инвестирање во заштита од идни пандемии и војни. Ковид-кризата и руско-украинскиот воен конфликт покажаа дека синџирот на производство на храна е од национална важност за секоја земја. Оние земји што произведуваат доволно храна ќе можат сериозно да се справат со ваквите предизвици, застојот на економијата, затворените граници и зависноста од домашното производство и од резервите. Оние земји, пак, чие домашно производство е недоволно и кои зависат од увозот, ќе претрпат огромни загуби, но и ќе се соочат со недостиг од храна на подолг рок.
Македонското производство на пченица едвај преживува, за период од 20 години производството на пченица е опаднато за просечни 20 отсто. Тенденцијата на намалување на производство на пченица ќе биде присутна и во иднина, сѐ додека не направиме стратегија за зачувување на домашното производство за да можеме во какви било околности, како војни и непогоди, да имаме доволно за прехрана на нашето население.
Наедно, нашата земја го губи приматот што некогаш го имала во производството на афион, сончоглед, шеќерна репка, памук, маслодајна репка, свила и жито. Некои од овие индустриски култури се комплетно исчезнати од македонските ниви, некои сѐ помалку се сеат, а површните со некои од нив континуирано се намалуваат или стагнираат. Од друга страна, Македонија троши милиони евра за увоз на финалните производи од овие култури, и покрај тоа што има услови за домашно производство, а тоа е само уште една потврда за важноста на домашното производство, во спротивно стануваме држава што е лесен плен и на политички и на економски план.

Ако се анализираат бројките од Државниот завод за статистика, може да се утврди дека пред повеќе од 30 години имало значително поголемо производство речиси на сите земјоделски производи. Бројките покажуваат дека во последниве 30 години драстично се намалило производството речиси на сите поважни култури, односно оние што помасовно се произведувале – пченица, сончоглед, шеќерна репка, тутун.
Само за споредба, во 1989 година биле произведени 152.995 тони шеќерната репка, а од 2009 година речиси нема производство. Кај сончогледот има повеќе од десет пати намалување, и тоа од 46.345 тони произведени во 1989 година на 3.379 тони произведени во 2018 година. Во последниве децении е зголемено само производството на пченка, но, сепак, не е доволно за потребите на македонското население.
– Македонија до средината на 90-тите години на минатиот век имаше производство што во одделни сектори ги надминуваше денешните произведени количества, а за жал одредени култури веќе не може да се сретнат по македонските ниви. Исто така, во тие години значително беа поголеми и производствените капацитети, пред сѐ од обработливо земјоделско земјиште, број на добиток, вкупен број на долгогодишни насади – вели Драги Димитриевски, професор на Факултетот за земјоделство и храна.
Тој додава дека во процесот на приватизација пропаднаа сите големи производствени системи – земјоделските комбинати.
– До денес не се создаде нов систем што ќе обезбеди нивна соодветна и поефикасна замена и економски порационално искористување на сите напуштени земјишни капацитети или, пак, враќање на оние со капацитети со биолошки карактер. За жал, оние култури што се напуштија тешко дека ќе може да се вратат – објаснува Димитриевски.

Според Љупче Станковски, претседател на здружението на земјоделци „Агрофаланга“, има повеќе фактори што придонеле за некои од индустриските култури тотално да исчезнат од нивите или, пак, површините да се намалат, а тоа се ниските приноси, ниските откупни цени, слободниот увоз на суровини.
– Во 1990-тите година во Македонија имало околу 30.000 хектари со сончоглед, но годините потоа површините бележат континуиран тренд на опаѓање. Намалувањето на површините со сончоглед може да му се припише на дејствувањето на повеќе фактори. Главно, тоа се надворешни фактори, и тоа движењата на цените на светскиот пазар на семе од маслодајни култури и цените на суровото масло. Потоа, застарена и недоволна механизација, користење нископриносни сорти, доцнење со плаќањето од страна на преработувачите и во одредени години ниската откупна цена – укажува Станковски.
Сево ова, како што истакнува тој, особено конкуренцијата со увезеното сурово сончогледово масло со пониски цени во изминатите години, ја прави културата непрофитабилна.
– Ние имаме наш капацитет „Благој Ѓорев“ во Велес за обработка на масло од сончоглед, но поради недостиг од суровини, работи со мал капацитет, претежно повеќе работи за рафинирање на маслото – објаснува Станковски.
Тој вели дека се увезува сурово масло, кое се рафинира во готов производ и тогаш се пласира на пазарот, додавајќи дека во овие услови, кои значат нарушување на пазарот поради пандемијата, големи осцилации значат покачување на цените и плаќање на многу повисоки финансиски средства за истото потребно количество на производот во Македонија.

– Исто така, и со шеќерот сме целосно зависни од увоз, порано битолската шеќерана произведуваше и за наши потреби, но и за извоз. Во криза, како што беше пандемијата, доволно е да се наруши транспортот и да се блокира Солунското пристаниште и ние остануваме и без основниот производ, па макар и поскап – појаснува Станковски.
Најдобро решение и најстабилна цена, како што нагласува тој, би имале кога ние сами би произведувале количества што се за наши потреби и кои би ги финансирале, во спротивно може да очекуваме ова да претставува нова закана за и онака нискиот стандард на граѓаните.
– Како држава немаме план и стратегија и далековидост за сите реперкусии од влегувањето во Светската трговска организација и од глобализацијата, и тоа мора да се промени. Потребно е повторно одгледување на сите овие култури, обезбедување субвенции и наедно ќе се обезбеди вработување на многу земјоделци, транспортери. Сепак, нашето стабилно производство на стратегиските продукти, како што се маслото, шеќерот, брашното, сметам дека е приоритет – нагласува Станковски.
Професорката Фиданка Трајкова од Земјоделскиот факултет во Штип вели дека сериозна анализа на земјоделскиот сектор може да се направи само со податоци од точен попис за целиот сектор, вклучувајќи ги комплетниот увоз и извоз во земјоделството.
– За да се донесе соодветна стратегија за развој на земјоделството, потребно е да се направи попис, опсежни теренски истражувања на целни групи (индивидуални земјоделци, земјоделски стопанства, преработувачки капацитети, откупувачи и извозници, домашни дистрибутери на примарни и преработени земјоделски производи) и да се вклучат сите одлучувачки, образовни и истражувачки институции во носењето на стратегијата – споменува таа.