Фото: Маја Јаневска-Илиева

За жал, во овој дел имаме изразено лоша структура на буџетските приходи. ДДВ е главен полнач на даночните приходи во буџетот, а тоа всушност значи дека тие се главно зависни од нивото на вкупната крајна потрошувачка. Во насока на оптимизација на буџетските даночни приходи, сметам дека е време да се пласира дијалог во јавноста за во наредните од три до пет години да почне да се работи во насока на менување на оваа затекната состојба, образложува м-р Благоја Грозданов

ПОРАДИ ОПТИМИЗАЦИЈА НА БУЏЕТСКИТЕ ДАНОЧНИ ПРИХОДИ, ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА КОМОРАТА НА СМЕТКОВОДИТЕЛИ ПОРАЧУВА (3)

Претседателот на Комората на сметководители на Македонија, Благоја Грозданов, ја истакнува важноста од оптимизација на структурата на даночните приходи во буџетот. Тој пластично ни објаснува зошто во меѓународните стручни кругови, и во голем дел од тамошните рангирања, македонската економија се смета за недоволно развиена.
– Одлика на развиените економии е да имаат структура на буџетски даночни приходи во која доминираат директните даноци. Директни даноци кај нас се данокот на личен доход, преку кој се даночи доходот на физичките лица, и данокот на добивка, преку кој се даночи добивката на правните лица.
– Што е симптоматично за економиите во развој и неразвиените економии? Структурата на буџетски приходи во кои доминираат индиректните даноци со кои се даночи крајната потрошувачка. Типичен пример кај нас е данокот на додадена вредност (ДДВ). За жал, во овој дел ние имаме изразено лоша структура на буџетските приходи. ДДВ е главен полнач на даночните приходи во буџетот, а тоа всушност значи дека тие се главно зависни од нивото на вкупната крајна потрошувачка. Во насока на оптимизација на буџетските даночни приходи сметам дека е време да се пласира дијалог во јавноста за во наредните од три до пет години да почне да се работи во насока на менување на оваа затекната состојба – образложува Грозданов.

Реорганизација на професијата – слободна професија преку либерализација на можноста за професионално здружување

Грозданов смета дека основа за прогресија на сметководствената професија во Македонија е либерализација на можностите за професионално здружување.
– Со други зборови, за оваа професија навистина да се издигне на нивото што го заслужува како независен столб на кој се темелат најважните одлуки и економски политики кај нас, неопходно е таа вистински да се ослободи и да се остави законска можност колегите наместо во едно здружение формирано по сила на закон (тоа е Законот за вршење сметководствени работи), како што е Институтот за сметководители и овластени сметководители на Македонија (ИСОС), да може да се здружуваат во професионални здруженија што навистина ќе се борат и ќе ги застапуваат нивните интереси, преку кои фелата ќе се залага за воспоставување соодветен баланс меѓу обврските и правата. Онака како што стојат работите во моментов, ретко кое младо лице сака да влезе во нашава фела, која е пренатрупана со обврски, без свој глас и застапник во јавноста и која не е соодветно ценета. Во спротивно, ова ќе остане професија што демографски старее, без изгледи за подмладување, што би било потенцијално погубно за целиот економски систем – апострофира Благоја Грозданов.
Тој посочува дека моменталната старосна структура на професијата не е поволна.
– Моменталната старосна структура на професијата не е поволна и сметам дека е проблем, не само на фелата, туку на државата, што 30 години нема работено на создавање услови за млади, перспективни и соодветно образовани лица да сакаат да влезат во професијата. Балансот меѓу обврските и одговорностите кон клиентите и работодавците, работата под постојаниот притисок на често неразумни рокови за поднесоци до низа институции, потребата за контрола на документацијата, која е предмет на евиденција, и наградата за таквите обврски е практично непостоен – вели Грозданов.
Тој е сопственик и оперативен директор на друштвото за сметководствени, консалтинг и правни услуги „Конто профит“ ДООЕЛ Скопје, кое работи од 1992 година. Го замоливме да се осврне и на претприемаштвото.
– Во постојната бизнис-клима во Македонија претприемаштвото значи континуирана тешка борба и пливање низводно. Мојот впечаток, од практиката, е дека, за жал, во минатите години дел од државниот апарат, можеби поради системската поставеност, не ги има третирано соодветно како партнери малите и микробизнисите, иако реалноста е дека ние отсекогаш сме биле едни од најголемите двигатели на економскиот живот и наедно полначи на државниот буџет. Во воздухот не смее да лебди атмосфера на недоволна доверба во соработката и не смее да се ткаат наративи на поделби. Стопанството и државниот апарат треба да функционираат максимално партнерски, со тековна соработка на секое поле. Државата како регулатор треба да дејствува во насока на дефинирање транспарентни процеси во кои ќе бидат вклучени сите засегнати страни од стопанството и кои ќе придонесат во градењето поволна бизнис-клима, во која фокусот ќе се насочи кон решавање на заедничките проблеми – вели еминентниот експерт Благоја Грозданов.
Претседателот на Комората на сметководители нагласува дека е потребна идентификација на проблемите што ги засегаат стопанството и државата, како и дефинирање на начините за решавање на тие проблеми.

– Општ впечаток за состојбите кај нас ми е дека, наместо да се осврнеме на решавање на некој од многуте проблеми за кои повеќето од нас имаат ист став и чие решавање нѐ засега сите, ние многу почесто сме наклонети кон тоа да најдеме една тема за која немаме заеднички став и да изгубиме непроценливо време и енергија токму на неа. Потребна е идентификација на проблемите што нѐ засегаат сите, значи и стопанството и државата, и дефинирање на начините за решавање на тие проблеми, во рамките на институционален дијалог во транспарентна постапка, со заедничко почитување на интересите и потребите на сите засегнати страни. Уште еден огромен проблем претставува и сивата економија, која создава нелојална конкуренција, против која е речиси невозможно да се бориме како бизнис-сектор без соодветна поддршка од државата – анализира м-р Грозданов.
Тој се надева дека актуелнава Влада на Република Македонија нема да ја продолжи поранешната практика на зголемување на фискалните и парафискалните и давачки и зголемување на административниот товар за постојните легални бизниси и, наместо тоа, ќе се насочи кон справување со оние што работат „на црно“ и кои во минатите години никој не се заложил да ги „внесе во систем“, со цел да се зголемат буџетските приходи и да се обезбедат фер пазарни услови за сите.
– Во овие услови е исклучително тешко да се обезбедат раст и развој, особено за оние што се свртени кон домашниот пазар. На огромен дел од работодавците проблеми им претставува огромниот процент на зголемување на трошоците за суровини, материјали, плати, енергенти, даноци и слично, кои понатаму придонесуваат кон зголемување на цените на крајните продукти што ги нудат фирмите. На тој начин се амортизира ефектот од зголемувањето на платите во последните години – кажува Грозданов.
Тој додава дека самото зголемување на платите, особено кога се носи на административен начин, односно е без економска заднина, не претставува лек за инфлацијата.
– Ефективно ова значи дека самото зголемување на платите, особено кога се носи на административен начин, или, поинаку кажано, ако зголемувањето е резултат на политичка одлука, односно е без економска заднина, не претставува лек за инфлацијата – туку напротив. Тоа е како да гасите оган со масло. Потребна е реална анализа на состојбите за да се дојде до вистински одговори, затоа што ако се продолжи со ова темпо, многу ќе биде тешко да се излезе од инфлациската спирала – го завршува Благоја Грозданов разговорот за „Нова Македонија“.


Оптимист дека веќе в година е можен почеток на стабилизирање на бизнисот

Претседателот на Комората на сметководители на Македонија, Благоја Грозданов, оценува дека македонскиот пазар на трудот секако има мноштво проблеми што може да бидат тема сами по себе, но за основен проблем го смета ниското ниво на продуктивност на трудот.
– Кога ова ќе го надоврземе на претходно споменатиот проблем со административното зголемување на платите, доаѓаме до суштината на проблемот. Во секој случај, оптимист сум дека може да се очекува, веќе во текот на следната година, бизнисот да почувствува дека почнува да се стабилизира состојбата и откако ќе се случи тоа, би можело да се очекува нормализирање на состојбите во стопанството и од страна на работодавците и од страна на работниците и обезбедување нормален принос за преземениот претприемачки ризик – вели Грозданов.
Неговата компанија „Конто профит“ ДООЕЛ Скопје добила две престижни награди: „Македонски квалитет 2017“ (ја доделува ССК, под покровителство на претседателот на државата) и од реномираното англиско списание „Аквизишн интернешнл“ (Acquisition International) за најдобра македонска фирма од областа на финансиското известување и даночниот консалтинг во 2021 година. Фирмата од нејзините почетоци била дел од основачите на КСМ при ССК.

Живко Здравкоски

крај