Монетарната политика постепено се релаксира и се приспособува кон потребите на економијата за поевтини финансиски средства, кои на стопанството ќе му помогнат да ги ангажира во неговите бизниси, а со тоа и за надминување на очигледната економска забавеност, велат економските експерти со кои се консултиравме
Дали банките ќе ги следат насоките на Народната банка: Намалените камати ќе водат кон посилна поддршка на реалната економија
Намалените камати ќе водат кон посилна поддршка на бизнисите, но ќе имаат ли ефект врз граѓанските заштеди? По подолг временски период, Народната банка на Македонија одлучи да ја намали каматната стапка на благајничките записи за 0,25 проценти поени. Сега таа изнесува 6,05 проценти. Намалувањето на каматната стапка следуваше откако ваков чекор презедоа Централната европска банка, како и американската централна банка, поточно ФЕД.
Имено, неодамна Европската централна банка (ЕЦБ) ја намали основната каматната стапка за 25 базични поени на 3,5 отсто, што беше очекувано поради бавниот економски раст во еврозоната и пад на инфлацијата, која во август се приближи до целта на централната банка од два процента.
Што се однесува, пак, до федералните резерви на САД, таму клучната стапка е намалена на 4,8 отсто. Претходно беше на рекордно високо ниво во последните две децении од 5,3 отсто и остана така во изминатите 14 месеци додека ФЕД се бореше да ја смири најлошата инфлација во последните 40 години.
Промените кај централните банки се следат со голем интензитет од експертската јавност. Многу значајно е како овие одлуки ќе влијаат врз севкупната економија во земјите, а оттаму и врз секојдневието на граѓаните.
Домашните експерти смируваат, ваквите одлуки се носат со цел да се зголемат активностите во бизнис-заедницата.
– Одлуките на ФЕД и последователно на ЕЦБ и НБРМ за намалување на основната каматна стапка упатуваат на заклучокот дека стапката на инфлација во соодветните земји постепено се смирува и се придвижува по нејзината надолна линија. Тоа во основа значи дека монетарната политика постепено се релаксира и се приспособува кон потребите на економијата за поевтини финансиски средства, кои на стопанството ќе му помогнат да ги ангажира во неговите бизниси, а со тоа и за надминување на очигледната економска забавеност во тие земји – нагласува професорот Томе Неновски.
Професорот Неновски, кој и самиот некогаш беше гувернер на Народната банка, за „Нова Македонија“ посочува дека промените на каматните стапки кај централните банки се сигнал за комерцијалните банки.
– Движењето на основната каматна стапка на која било централна банка, па и на НБРМ, секогаш претставува сигнал за комерцијалните банки дека со тоа се менува правецот на монетарната политика и дека и тие треба постепено да се приспособуваат кон таквите промени. Во случајот на македонските банки тоа ќе значи одредено, не многу значително, намалување на нивните активни и пасивни каматни стапки. За претпријатијата тоа ќе биде благопријатно во правец на намалување на нивните банкарски трошоци, а со тоа и поттик за позасилено инвестирање во нивните актуелни и идни активности – објаснува Неновски.
Сепак, како овие одлуки ќе влијаат врз политиките на банките за штедење и за кредитирање, односно дали ќе резултираат со промени на каматните стапки на кредитите и депозитите ќе видиме во следниот период.
Според професорот Неновски, сосема е очекувано да дојде до промени и кај комерцијалните банки, кои вообичаено ги следат насоките на Народната банка, но додава дека тие промени со сигурност нема да бидат доволно големи за да предизвикаат промени во однесувањето на населението.
– Може да се очекува дека намалувањето на основната каматна стапка на НБРМ за 0,25 процентни поени ќе предизвика одредено намалување на каматните стапки на депозитите на граѓаните, но тоа нема да биде значително, што значи дека тоа нема да предизвика некое позначајно намалување на штедењето – укажува професорот Неновски.
Народната банка појасни дека условите во економијата овозможуваат да се почне со претпазливо нормализирање на поставеноста на монетарната политика.
– Со ваквите промени се задржува внимателноста во монетарната политика имајќи ги предвид ризиците поврзани со надворешното опкружување што сè уште постојат, но и со домашните фактори што влијаат врз агрегатната побарувачка. И натаму се очекува дека нивото на каматните стапки, заедно со досегашните промени кај задолжителната резерва и преземените макропрудентни мерки, вклучувајќи го и постепеното зголемување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките (1 отсто со примена од јули 2024 година), ќе придонесат за ценовна стабилност на среден рок и за задржување на стабилноста на девизниот курс. Наедно, промените во инструментот задолжителна резерва што се применуваат од јули 2024 година придонесуваат за дополнителна поддршка на поставеноста на монетарната политика – потенцираат од Народната банка на Македонија. Е.Р.