Фото: „Нова Македонија“

Повод: Безбедни услови на работното место – уште еден приоритет за стопанството

  • Податоците за несреќи на работното место ги наметнуваат прашањата како да се подобрат условите за работа и да нема жртви. Дали треба да зачестат контролите и од работодавецот и од надлежните? Дали се законите доволно прецизни и кој сѐ треба да внимава? На темата побаравме мислење од првиот човек на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, кој за „Нова Македонија“ укажа дека иако имаме законски норми, кои на хартија се правилни, сѐ уште сме во дефицит со нивна посветена примена, но и контроли на кој начин се спроведуваат прописите

Заштитата на работно место е една од темите што имаат големо значење за добросостојбата на работниците, а оттаму силен одраз и врз економските перформанси на самите работници. Сепак, и покрај фактот дека само здрави работници можат да остварат ефикасни резултати на работното место, темата честопати е занемарена во јавноста. Истовремено, иако е значајна тема, заштитата на работниците на нивното работно место не секогаш се реализира во согласност со законите и според потребите.
Изминатиот период, за жал, бевме сведоци на неколку трагични инциденти во кои животот го загубија странски работници. Во едната ситуација беше повреден странски работник од кран на своето работно место, во другата ситуација исто така странски работник почина неколку дена откако претходно падна на своето работно место. Тројца странски работници, пак, загинаа додека патувале кон своето работно место. Сите овие ситуации се случија во текот на ова лето.

Според Македонското здружение за заштита при работа, во текот на 2024 година во нашата земја се случиле вкупно 116 повреди на работно место, додека во текот на целата година имало вкупно 17 несреќи со трагичен крај, во кои згаснал животот на работници.

Законите се на хартија, но треба доследно да се применуваат од сите: од работниците, преку работодавците, до надлежните

Нивните податоци покажуваат дека една година претходно или во 2023 година на работно место се случиле 108 повреди, додека пак во 2022 година имало 169 несреќи.
Но, кај бројот со смртни случаи се забележува дека во 2023 година имало 15 трагични настани, додека во 2022 година имало 22 несреќи со смртен исход.

Ваквите податоци ги наметнуваат прашањето како да се подобрат условите за работа и да нема жртви на работно место. Дали треба да зачестат инспекциите, дали законите се доволно прецизни, кој сѐ треба да внимава…

На темата побаравме мислење од првиот човек на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, кој за „Нова Македонија“ укажа дека иако имаме законски норми, кои на хартија се правилни, недостига нивна примена, но и контроли како се спроведуваат прописите.

На нашето прашање дали законите се доволни за заштита на работниците на нивните работни места, Трендафилов вели – не.
– Она што е закон, а нема инспекција да го примени е само „мртво слово на хартија“. За жал во Македонија ниту Законот за работните односи ниту Законот за безбедност и здравје при работа има доследна примена од страна на работодавците, а уште помалку од инспекторите задолжени за овие закони. Од година на година наместо да се намалува бројот на повреди и жртви, во согласност со дигитализацијата и учеството на роботиката во механизацијата на компаниите, ние имаме зголемен број на повреди при работа и зголемен број на повреди со фатални последици односно смртен исход – укажува Трендафилов.

Претседателот на ССМ посочува дека кога ќе се увидат проблеми од одреден закон или подзаконски акти, потребни се промени на законите.
– Законите при нивното подготвување или промени и дополнување треба да содржат членови што се спроведливи во пракса или ако произлегле проблеми во пракса, да се уредат со закон и подзаконски акти, како што имаме особено за Законот за безбедност и здравје при работа. За жал, по повеќе обиди да се донесе нов закон, сѐ уште немаме нов закон за безбедност и здравје при работа, но напоменувам дека и постојниот закон не е воопшто лош ако се применува доследно – потенцира Трендафилов.

Најризични работи места се во земјоделството, градежништвото и металната индустрија

Тој за нашиот медиум укажува дека превенцијата треба да биде значително ефикасна со конкретен број на инспектори или инспекции, со кои потоа ќе можеме да констатираме дека „би немале или значајно би се намалиле бројот на повреди и жртви на работните места“.
– Туку истите тие треба секојдневно да превенираат и да ги проверуваат сите работни места, особено оние со висок степен на ризик, а такви најмногу имаме во земјоделството, градежништвото и металната индустрија, како први три дејности што секојдневно се минско поле за вработените во овие дејности. Особено мора итно и веднаш да се зголеми бројот на трудовите инспектори и инспектори во одделението за безбедност и здравје при работа во Државниот инспекторат за труд. Да не заборавиме дека недостигаат и инспектори по општините, како и во Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам. Овој хаос на работните места што го има Македонија во моментов доколку не запре, ќе имаме само уште поцрна статистика за повреди и жртви – објаснува Трендафилов.
Тој додава дека бројот на вработени што треба по закон да ги имаме како претставници на работниците е многу мал во однос на вкупниот број на вработени во компаниите, а уште поголем проблем е што работодавец и на 1.000 вработени има обврска да има само едно стручно лице за безбедност и здравје при работа.
– Штедењето на лична заштитна опрема и стручни лица доведува до тоа да се повредуваат и гинат работниците секојдневно на работните места. Штетата понатаму од еден повреден работник е на товар и на работодавецот и на државата и на семејството на работникот – укажува нашиот соговорник.

Трендафилов потенцира дека компаниите мораат да ги едуцираат своите вработени и да спроведат обуки соодветни за сите работни места на сите вработени кај нив во компаниите.
– Мора да се набави соодветна лична заштитна опрема за работното место. Алатот и механизацијата со кои е задолжен секој работник мора да се проверуваат секојдневно, а не само кога ќе се случат несреќа и повреда. Мора да се пријавува секоја прекувремена работа до Државниот инспекторат за труд, да се прават редовни здравствени прегледи, да се обезбедат по закон работните места со сите прописи што се во сила и во согласност со процената на ризик, што поголем дел работодавци во Македонија го немаат до ден-денес – нагласува Трендафилов.

Работниците што се чувствуваат небезбедно треба веднаш да укажат на тоа

Последните смртни случаи во кои загинаа неколку странски државјани, но и претходните слични ситуации, наметнуваат потреба и од дополнителна заштита што ќе ја преземат самите работници. Внимателното однесување на работното место е предуслов со кој работниците треба да се заштитат себеси, за да не дојде до несакани последици.

Првиот човек на ССМ, пак, потенцира дека работниците имаат право да укажат на недостатоци, па ако не бидат отстранети, дури имаат можност да одбијат работна задача доколку сметаат дека не се исполнети условите за безбедност на едно работно место.
– Тоа треба да го имаат предвид доколку истата таа не е безбедна по нивниот живот односно не се преземени сите горенаведени работи од страна на работодавецот. Безбедноста при работа и заштитата на здравјето поаѓаат од самите нас како вработени. Најпрвин да сме безбедни ние, а со тоа и нашите колеги соработници што делат ист ризик да се повредат. Доколку немаме соодветна обука и образование за одредено место што носи ризик од повреда, не треба да започнеме со работа, бидејќи во голем процент тие повреди се со фатален крај. Како Сојуз на синдикатите на Македонија, со здружените грански синдикати, нашето заедничко мото е дека нема ништо повредно од тоа здрави и живи појдеме, да ги извршиме работните обврски и задачи и такви се вратиме назад во семејствата – нагласува Трендафилов.

Тој наедно посочува дека безбедноста и здравјето при работа остануваат на пиедесталот во правата на вработените во компаниите во кои имаат членови и, за среќа, таму има безбедни работници, бидејќи се почитуваат законите и колективните договори и има социјален дијалог со тие работодавци.
– Во поголем процент од вкупниот број на работници, со сигурност може да се каже дека се гине на работните места, имајќи предвид дека и денес голем дел работодавци не дозволуваат синдикално организирање, не почитуваат дијалог ниту закон, а тоа треба да е прв показател дека такви работодавци не треба да имаме во државата доколку инспекцијата си ја сработи работата. Нема ништо поважно од еден човечки живот, од еден работник, за кого откога ќе загине на работното место да бараме вина. Вината е во тие што не обезбедиле сѐ по закон, а „немало“ кој да ги казни – заклучува Трендафилов. Е.Р.