Фото: З.А.

Во поволни временски услови, со доволно висока почвена влага, во изминатите два месецa се одвиваше есенската сеидба во Кичевско. Во општина Кичево со житни култури беа засеани вкупно 760 хектари, од кои најголем дел се во приватна сопственост, додека сосема малку површини се сопственост на земјоделски претпријатија. Покрај житните култури во Кичевско беа засеани и фуражни култури на површина од 50 хектари.

– Во нашата општина во изминатите два месеци целосно е реализирана есенската сеидба на житните и фуражни култури. На најголеми површини, вкупно 632 хектари засеана е пченица, од кои 624 хектари се во приватниот сектор и 8 хектари на земјоделски претпријатија. Значително помали површини засеани се со рж, 20 хектари, со јачмен 92 хектари и со преостанати култури уште 16 хектари. Во истиот период во Кичевско засеани се вкупно 50 хектари со фуражни култури, со што во целост е завршена сеидбата на планираните површини – истакна Снежана Софрониевска раководител на Подрачното одделение за земјоделие.

Таа нагласи дека биле обезбедени доволни количества семенски материјал и целата операција се одвивала според планираната програма. З.А.