Почнато е со изградбата на автопатските делници Тетово – Гостивар и Гостивар – Букојчани, а претходно ги решаваме експропријацијата на земјиштето и отстранувањето објекти на овие траси – истакна денеска министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, кој од собраниската говорница одговараше на прашањето: каде се трошат средствата на граѓаните од патарините на автопатиштата во земјата, поставено од пратеникот Халил Снопче. Министерот Николоски вели на овие две делници на почнувањето со градежните работи присуствувал и Арбен Таравари, односно лидерот на политичката партија од која доаѓа и пратеникот Снопче.
– Ако продолжиме по истата траса на Коридорот 8 на западното крило, веќе е завршена целосната постапка за избор на изведувач на делницата Гостивар – Букојчани, чекаме само согласност од Европската банка за обнова и развој затоа што од таму е кредитот, со цел да се избере изведувач. Се надевам дека по завршување на зимата и подобрувањето на временските услови, ќе почне да се работи и на трет автопат, тоа е од Букојчани до Кичево. Автопатот Кичево – Охрид, кој беше заборавен за македонската јавност и за кој ништо не се работеше, веќе интензивно се работи. Триесет и седум километри се ставени во функција, секој месец има дополнителни активности, еве сега се заврши клучката за спојување и на Струга – посочи Николоски.
Министерот за транспорт и врски очекува, а како што вели како Влада имаат дадено збор, во дадениот рок да се заврши автопатот од Кичево до Охрид. Што се однесува за автопатот Скопје – Блаце, постапката е завршена и сега се очекува одговор од Европската банка за обнова и развој, која дава кредит за изградба на оваа делница.
– Го работиме и автопатот што оди од Прилеп до Битола и го почнавме со оваа Влада, без разлика што договорот беше потпишан од претходната и никакви активности не беа спроведени. Го завршиме експресниот пат од Градско до Дреново и од Дреново до Фариш и веќе е во функција и граѓаните го користат. Се работи за исклучителен модерен пат, сите овие патишта може да ги видете и кај мене на фан-страницата на „Фејсбук“ – рече Николоски.
Тој истакна дека е пуштено и источното крило на Коридорот 8, а тоа е експресниот пат од Страцин до Крива Паланка и, како што рече, се надева оти нашите соседи, односно Бугарија, ќе почне да гради автопат кон Македонија.
– Во моментот со Европската Унија работиме на вториот дел, кој треба да оди од Куманово, односно од Романовце до Страцин, како би имале целосно автопатско решение на Коридорот 8, од границата со Бугарија до границата со Албанија. Исто така, во моментот многу интензивно работиме на еден проект, кој претходната влада на СДСМ и ДУИ го имаше заглавено, а тоа е спојувањето на Кичево со Дебар, односно тоа е проектот за Извор – Гарски мост, на кој многу интензивно се работи. Кога ќе биде завршен овој магистрален пат за жителите од Дебар и за селата од реканскиот крај, приклучокот на автопатот Охрид – Кичево ќе биде за дваесетина минути, што целосно ќе ја промени динамиката во тој дел од државата – истакна Николоски.
Тој од собраниската говорница рече дека за рехабилитација и санација на регионалните патишта може да зборува и до утре бидејќи се опфатени голем број делници.
– Еве, првпат заврна снег во државата, и таа не е блокирана, претходно по три дена не можевме да излеземе од снег. Кој патува – знае и гледа, за рекордно време се исчисти целата држава – посочи Николоски.































