Домашните економисти укажуваат за „Нова Македонија“ дека човечкиот капитал, технологијата и инвестициите се битни за економски раст и развој. Но фундаментот е конкурентниот производ на реалната економија чиј основен инпут е базна домашна евтина енергија. Соговорниците не го забораваат и силното инфраструктурно поврзување. А со вложување во образованието и во развојот на вештини се подобруваат перформансите на работната сила, а со нив се зголемуваат продуктивноста и иновативноста
Има ли рецепт за драстичен економски раст на македонската економија?
Економскиот раст на Македонија е незадоволителен. Од година на година имаме различни перформанси, но, сумирано, растот на бруто-домашниот производ (БДП) се движи околу два процента и ретко надминува три отсто. Ова е поразително за земјава и е причина за нискиот животен стандард.
Ако ги погледнеме последните десет години, ќе видиме дека најголем раст на БДП има во 2021 година, кој достигнал 4,5 проценти, но тој раст воопшто не е за „радување“, имајќи предвид дека основата од претходната година е многу ниска. Имено, во 2020 година нашата економија забележала негативен економски раст од –4,7 проценти, што е причина за „големиот“ раст во 2021 година. Во 2015 и 2019 година исто така нашата земја може да се „пофали“ со малку повисок од просечниот раст на домашната економија, кога растот достигнал 3,9 проценти.
Сепак, голем недостиг е тоа што немаме континуитет во економскиот раст, туку од година на година имаме различни перформанси. Домашните економисти за укажуваат „Нова Македонија“ дека човечкиот капитал, технологијата и инвестициите се битни за економски раст и развој. Но фундаментот е конкурентниот производ на реалната економија, чиј основен инпут е базна домашна евтина енергија. Соговорниците не го забораваат и силното инфраструктурно поврзување. А со вложување во образованието и во развојот на вештини се подобруваат перформансите на работната сила, а со нив се зголемуваат продуктивноста и иновативноста. За базната енергија, енергентите и за инфраструктурата, досега многупати е пишувано. Овој пат соговорниците отвораат и други аспекти на економскиот раст и развој.
– Технолошкиот напредок создава нови начини на работа, овозможува зголемување на ефикасноста и отвора нови пазари. Инвестициите, особено во инфраструктурата, модерните технологии и новите индустрии, го прошируваат економскиот потенцијал и носат нови економски можности. Од овие перспективи нема сомнеж дека Македонија мора да вложува во развојот на човечкиот капитал, иновациите и привлекувањето домашни и странски инвестиции за да обезбеди долгорочен економски раст, односно да видиме стапки на раст што се повисоки од тие во последните неколку години – посочува професорот Марјан Петрески од „Американ колеџ“.
Кога станува збор за економскиот раст, мора да истакнеме дека нашата земја имаше за нијанса подобри перформанси пред дваесетина години, поточно во периодот од 2004 до 2008 година. Имено тие години нашата економија растеше со стапки што достигнуваа или надминуваа пет проценти раст на БДП. Но оваа низа од неколку успешни години беше прекината во 2009 година, кога имавме минус во растот на БДП, па следуваа долги години на нови подеми и падови на растот на домашната економија.
За илустрација, во 2003 година сме имале раст од 2,2 проценти, веќе во 2004 и 2005 година тој бил 4,7 отсто. Следната, 2006 година економскиот раст бил уште подобар и достигнал 5,1 отсто, а во 2007 година пораснал на 6,5 отсто. Во 2008 година домашната економија пораснала за 5,5 проценти. Ова се стапки што во континуитет ѝ се потребни на нашата земја, но, за жал, од 2009 година наваму нашиот економски раст има подеми и падови, но вакви стапки на раст не се достигнати. Иако долги години се апелираше за поголеми стапки на раст, сепак, не успеваме да го пронајдеме рецептот за континуиран економски раст.
Професорот Петрески посочува дека нашата земја има направено одреден напредок, особено со влезот на странските инвестиции и во делот на јавната инфраструктура, но потенцира дека остануваат предизвиците со структурните реформи во делот на образованието, вештините на работната сила, детерминирано од масовната емиграција.
– Ефикасни, транспарентни и отчетни институции се основата врз која почива секој успешен економски систем. Без нив, и најдобро развиениот човечки капитал и технолошки напредок нема да го дадат очекуваниот ефект. Инвеститорите, странски или домашни, имаат потреба од правна сигурност за да се чувствуваат безбедно при донесување долгорочни одлуки. Корупцијата и несигурноста во правниот систем ги зголемуваат ризиците и го намалуваат интересот за инвестирање, што директно се одразува на економскиот раст – нагласува професорот Петрески.
Тој нагласува оти ефикасноста на администрацијата е од витално значење за бизнис-климата.
– Имаме сериозни проблеми со функционирањето на институциите во земјава, доволно е да се сетиме со каква неефикасност секој од нас – приватно лице или фирма – се соочува кога доаѓа пред институциите, почнувајќи од барање за наједноставна услуга – колку време, напор и нерви се губат во тој процес – посочува Петрески и додава дека за Македонија да постигне повисока стапка на економски раст, од суштинско значење е да се зајакне функционалноста на институциите. Е.Р.
Стапки на економски раст, Народна банка
Година
2023 2,1
2022 2,8
2021 4,5
2020 -4,7
2019 3,9
2018 2,9
2017 1,1
2016 2,8
2015 3,9
2014 3,6
2013 2,9
2012 -0,5
2011 2,3
2010 3,4
2009 -0,4
2008 5,5
2007 6,5
2006 5,1
2005 4,7
2004 4,7
2003 2,2