Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска во Александропули во Грција на церемонијата по повод почетокот на работите за изградба на терминал за течен природен гас изјави дека изградбата на ЛНГ терминалот е голем и важен настан за целиот Балкан и дека Србија треба гасно да се поврзе со Македонија, јави дописникот на МИА од Белград.
Вучиќ изјави дека бил меѓу ретките кои како и секогаш биле скептични за проектот, но дека сега кога гледа дека се е подготвено, е презадоволен од тоа.
– Ние сме многу благодарни и подготвени да преземеме големи количини гас во иднина – изјави Вучиќ.
Тој посочи дека Србија треба да изгради системи за поврзување со Бугарија, бидејќи така ќе може да прифаќа и прима големи количини гас и дека „ќе треба да се направи нешто за да се поврзе Македонија и дека таму мора да се направат многу работи“.
Тој кажа дека и е благодарен на ЕУ, бидејќи, како што истакна, кога станува збор за потребата да се изгради српскиот дел, најголемиот дел од проектот е финансиран од ЕУ и додаде дека проектот за поврзување со Македонија ќе го финансира ЕУ.
– Морам да кажам дека верувам дека можеме да направиме многу работи заедно. Сепак, гледам многу пречки на тој пат, а тоа не е само енергетско прашање, туку и храната, водата и многу други тешки предизвици кои ќе треба да ги решиме во иднина. Секогаш е лесно да се направи церемонија, но животите на нашите граѓани се клучни, важно е да го подобриме животниот стандард на нашите граѓани и да ги надминеме сите предизвици со помош на ЕУ, изјави срспкиот претседател – појасни Вучиќ и изрази надеж дека ќе се најдат добри решенија и за европскиот и за српскиот народ.
На одбележувањето на почетокот на работите присуствуваат и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, како и премиерите на Бугарија и Северна Македонија, Кирил Петков и Дмитар Ковачевски.