На Универзитетот во Тетово денеска триесетина судии започнаа со органолептичка анализа на пристигнатите примероци мед во рамки на четвртиот натпревар за квалитет на мед „Тетово награди за мед“ (Tetovo Honey awards) што го организираат здруженијата „Полошки мед“ и „Градот на пчелите“. Пристигнаа 260 примероци на пчелари од 21 земја.
– Го организираме натпреварот по четврти пати благодарение на помошта на Министерството за земјоделство и Универзитетот, Факултетот за прехранбени технологии, без нивна поддршка немаше да добие академски апспект оваа манифестација. Задоволен сум од тоа што мострите од првиот натпревар и сега по четврти пат имаат голема разлика не само во однос на квалитетот и во однос на презентацијата. Би бил многу среќен ако дел од пчеларите почнат да работат секојдневно по овие стандарди и гледаме дека овој натревар помага да се подигне квалитетот на македонскиот мед. Јас сум сведок на тоа дека не само тука, туку највисоки оценки се добиваат и на меѓународни натпревари. Треба да работиме повеќе на презентација на нашиот мед затоа што Господ ја дава оваа клима да произведуваме квалитетен мед – изјави Дритон Дикена од организацијата на натпреварот.
Експертите и судии го оценуваат медот според боја, вкус, арома, влажност, чистота, по што ќе следуваат лабораториски анализи на хемиски состав. На 1 октомври ќе се знаат и наградените и двете здруженија ќе ја организираат манифестацијата „Слатки денови на Тетово“.
– Гледаме заедничка работа на две здруженија „Полошки мед“ и „Градот на пчелите“, особено ми е драго за тоа, имаме исполнување на една иста национална цел, промоција на македонскиот мед како една од најквалитетните. За уште поголема промоција придонесува Министерството кое финансиски поддржува манифестација со 250 иладји денари – изјави министерот за земјоделство Љупчо Николовски кој присуствуваше на денешниот настан.
Во 2021 година Министерството евидентирало пријавени 312 илјади пчелни семејства од пчелари кои се пријавиле за субевнции. Во 2012 година имало 150 илјади пчелни семејства.