Со потпишување на меморандумот за соработка се очекува брзата пруга да го донесе брзиот воз и во Македонија

Нашата земја ќе се поврзе од линијата кај Прешево, односно од граничниот премин Табановце до Скопје, со железнички крак до аеродромот во Скопје. Потпишувањето на меморандумот за соработка за брзата пруга со Србија е планирано кон крајот на август или почетокот на септември

ОД СЕПТЕМВРИ МАКЕДОНИЈА И ОФИЦИЈАЛНО СЕ ПРИКЛУЧУВА НА ЖЕЛЕЗНИЧКИОТ КОРИДОР БУДИМПЕШТА – БЕЛГРАД – НИШ – СКОПЈЕ

Македонија веќе активно работи на приклучување кон изградбата на брзата пруга што ќе биде дел од железничкиот коридор 10. Македонското министерство за транспорт го изработи текстот на меморандумот за соработка со српското министерство за транспорт, кој веќе е поминат и одобрен од Владата на Македонија. Во него се предвидува нашата земја да се поврзе од линијата од Прешево, односно од граничниот премин Табановце до Скопје, со железнички крак до аеродромот во Скопје.
Потпишувањето на меморандумот за соработка за брзата пруга со Србија е планиран кон крајот на август или почетокот на септември, а конечниот термин, како што ни изјавија во македонското министерство за транспорт, ќе зависи од обврските на највисоките претставници на двете влади, кои би присуствувале и на официјалното пристапување на Македонија кон изградба на брзата пруга Будимпешта – Белград – Ниш – Скопје.
– Потпишувањето на меморандумот е почеток на реализацијата на овој проект. Потоа следуваат сите други активности и изработка на проектна документација, од кои би се знаела и раалната вредност на изградбата на брзата пруга до Скопје, а подоцна и до Грција. Земјите што би се вклучиле во овој проект најверојатно заеднички би аплицирале за добивање средства од европските инвестициски фондови, како важен дел од европскиот сообраќаен и железнички коридор – велат нашите соговорници од Министерството за транспорт.

Српските и унгарските министри за транспорт на крајот на март ги поканија колегите од регионот да се приклучат на изградбата на брзата железница. Покани беа испратени и до Бугарија, Албанија, Грција и Турција. Брзата железница би го поврзала северниот дел од регионот со турскиот и грчкиот брег за патнички и карго-сообраќај. Брзата пруга од Белград треба да продолжи во три правци, преку Бугарија во правец кон Турција и преку Македонија во правец кон Грција, односно кон Албанија, да ја прошири мрежата на брзи железници и на тој начин стоката со железница значително полесно да може да се транспортира во ЕУ. Според владини извори од Србија, која е и главен носител на реализацијата на овој проект, возовите од Белград до Ниш би се движеле со брзина од 200 километри на час, а од Ниш до македонската граница со брзина од 120 до 160 километри на час.
Идејата за вклучување на Македонија во овој проект беше повторно реафирмирана од претседателката на српската влада Ана Брнабиќ, која информираше дека во јуни годинава се завршени разговорите за брза железница на коридорот 10 од Белград, Ниш, Прешево, Скопје до Грција. Овој проект, кој се спроведува во рамките на иницијативата Отворен Балкан, е отворен за сите земји од регионот.
Според најавите, на овој проект ќе се приклучи и Хрватска, а тоа ќе го стори и Грција, кои би се вклучиле во остварувањето на еден од европските транзитни коридори на Балканот. Директни придобивки ќе имаат граѓаните и компаниите од земјите во регионот, затоа што тоа е директен придонес за побрз транспорт на патници и на стоки, што ќе влијае и на економскиот раст на земјите што ќе се вклучат во брзата железничка мрежа на Балканот.

– Станува збор за проект што е финансиран од Европската Унија, кој е дел од грантот од Инвестициски фонд за Западен Балкан и претставува капитален проект што значително ќе ги засили врските меѓу нашите земји. Не очекувам почеток на изградбата пред 2025 година, но иднината на брзата железница е од Скопје до Будимпешта и натаму кон Средна и Западна Европа – изјави Ана Брнабиќ, премиерката на Србија.
Српскиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ во март годинава од Будимпешта, по разговорот со унгарскиот министер за градежништво и транспорт Јанош Лазар, изјави дека двете земји ќе испратат покани до Македонија, Албанија, Грција, Турција и Бугарија за приклучување на изградбата на брза железница во регионот, која прво ќе ги поврзе Будимпешта и Белград, а подоцна Ниш и Прешево. Унгарскиот министер ја искажа заинтересираноста на Унгарија за продолжување на брзата пруга јужно од Белград во три правци, преку Бугарија во правец кон Турција и преку Македонија во правец кон Грција односно кон Албанија.
Меѓутоа, во Македонија се предвидува сосема нова траса, бидејќи постојната не е соодветна како железнички коридор и инфраструктура за да се движат низ неа брзите европски возови. Ваквата опција беше најавена и од директорот на „Македонски железници – инфраструктура“, Хари Локвенец, кој посочи на лошата состојба на еден дел од железничката траса, на делницата Скопје – Велес.
– Коридорот 10 е по долината на реката Вардар. Проблем се кривините, кои ја определуваат брзината на железничкиот сообраќај. На оваа делница токму поради тоа не може да се зборува за брза пруга. За да имаме брза пруга, потребно е коридорот да се помести 10 километри источно, за да биде трасиран во Овче Поле, и таму ќе имаме брза пруга. Би требало да биде од Миладиновци до Миравци, а проценетата цена на оваа инвестиција е 4 милијарди евра – изјави Локвенец.
Изградбата на брзата железница помеѓу Будимпешта и Белград е веќе започната. Од Прешево треба да продолжи преку Скопје кон Евзони. Самата ЕУ е силно заинтересирана за овој проект, а голем дел од средствата би се исплатил како европски грант. За пет години, возовите од Ниш до Љубљана ќе се движат со брзина од 200 километри на час. Покрај Србија, и Хрватска и Словенија влегуваат во сериозна инвестициска активност за реконструкција на пругите по должината на паневропскиот коридор 10. Во Грција, од Солун до Атина има две брзи пруги. М.Ј.