Со законот се опфатени близу 2.500 производи на кои профитната маржа им е ограничена до 10 отсто, со што се очекува и намалување на нивните цени за 10 отсто
Денеска стапува во сила Законот за забрана на нефер трговски практики
Денеска стапува во сила Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи, што дополнително треба да ги намали цените на производите и да стави ред во трговијата. Со него се опфатени близу 2.500 производи на кои профитната маржа им е ограничена до 10 отсто, со што се очекува и намалување на нивните цени за 10 отсто.
Надлежен орган што ја контрола примената на законот е Комисијата за заштита на конкуренцијата и таа поведува прекршочна постапка доколку се прекрши која било мандаторна одредба од законот.
– Прекршочна постапка се поведува по службена должност или по барање на физичко или правно лице, кое има легитимен интерес за утврдување на постоење прекршок и мора да заврши во рок од три месеци. Решенијата за сторен прекршок се објавуваат на веб-страницата на Комисијата за заштита на конкуренцијата. Онаму каде што ќе се утврди дека се прекршени одредбите на законот се одредува казна, односно висина на глоба, дефинирајќи ги нејзиното ниво и рокови за плаќање. При изрекувањето на казните, односно глоби, Комисијата за заштита на конкуренцијата ги зема предвид сите олеснителни и отежнувачки околности, како што се тежината, обемот и времетраењето на прекршокот и последиците што овој прекршок ги има врз доставувачите – наведуваат од Министерството за економија и труд.
Законот предвидува казни за најтежок прекршок и полесни прекршоци во зависност од тежината и значењето на прекршувањето на одредбите.
– Највисокиот износ на казна за најтежок прекршок може да изнесува до 20.000 евра за голем трговец и од 350 до 500 евра за одговорното лице во правното лице што е голем трговец. Казните за полесни прекршоци зависат од тоа дали прекршокот го сторило правно или физичко лице. Највисокиот износ на казната за полесен прекршок што може да се изрече во постапка е од 5.000 до 6.000 евра за голем трговец и од 350 до 500 евра за одговорното лице во правното лице што е голем трговец – истакнуваат од министерството.
Со законот, трговците, покрај ограничен рабат, нема да смеат да наплаќаат дополнителни трошоци за маркетинг, репрезентација, како и за истакнување одреден производ на полица.
Од Министерството за економија и труд нагласуваат дека решенијата на Комисијата за заштита на конкуренцијата се конечни.
– Против решенијата може да се поднесе тужба за поведување управен спор пред надлежен суд. Тужбата за поведување управен спор се поднесува во рок од 30 дена од денот на приемот на решението и не го одлага извршувањето на решението – велат од Министерството за економија и труд. Е.Р.
Заврши преодниот законски рок од шест месеци
Во меѓувреме заврши преодниот период рок на законот од шест месеци за да ги усогласат договорите со одредбите на овој закон доставувачите и купувачите што склучиле договори за снабдување со земјоделски и прехранбени производи до денот на влегување во сила на овој закон. Во спротивно, тие договори ќе станат ништовни.
– Доколку рокот на склучен договор за снабдување со земјоделски и прехранбени производи завршува додека трае преодниот период, доставувачот и купувачот се должни новиот договор да го склучат во согласност со одредбите на овој закон од причина што основата за трговски практики во деловното работење меѓу доставувач и купувач се одредбите во овој закон – соопштија од Министерството за економија и труд.
ДПИ го контролира спроведувањето на есенската кошница
Од вторникот, пак, во сила е одлуката на Владата за ограничувања на профитната маржа до 10 отсто на 73 производи што се најдоа на листата на есенската кошница, што, пак, го контролира Државниот пазарен инспекторат (ДПИ). На првиот ден од контролата спроведена од ДПИ, кога се контролираа големите маркети, поради утврдени неправилности се изречени парични казни во висина од околу 20 илјади евра. Бруто-профитната маржа во есенската кошница ќе биде ограничена до крајот на октомври, а со неа од Владата очекуваат да се намалат до 10 отсто цените на овие производи.
Групи на производи чии цени се очекува да се намалат
- Прехранбени производи од брашно
- Готови (приготвени) или конзервирани производи од месо
- Риба
- Препарати за бебиња или мали деца
- Масло за јадење од растително или од животинско потекло
- Шеќер
- Кафе
- Овошје
- Зеленчук
- Јаткасти производи (кикиритки, лешници, бадеми…)
Димитров: Законот треба да воспостави ред во синџирот за снабдување
со земјоделски производи
Како што објаснува Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија, Законот за забрана на нефер трговски практики треба да го воспостави долгоочекуваниот ред во синџирот на снабдување со земјоделски производи.
– Со ова би требало да се стави крај на подредената состојба на земјоделските производители во однос на откупувачите и трговците на земјоделски и други производи. Имено, прво ќе мора да се склучи писмен договор за снабдување со земјоделски и прехранбени производи, во кој ќе се регулираат односите помеѓу производителот и купувачите, што досега не беше пракса. Второ, значајно е што се забранува откажување на нарачките и менување на условите од договорите, кои трговците досега ултимативно ги бараа, а и ги добиваа од страна на производителите. Сето тоа беше на сметка и на штета на производителите, а во крајна линија, се разбира и на штета на граѓаните – објаснува Димитров. Имено, според некои сондажи на организацијата на потрошувачите, добар дел од маркетите имаа производи со маржи и до 50 отсто. Е.Р.