Фото: Маја Јаневска-Илиева

Повеќе од две третини од луѓето што живеат во домаќинствата во Европската Унија поседуваат сопствен дом, наспроти 32 проценти кои живеат во изнајмени станови. Во Македонија, речиси 87 проценти од населението живее во свој дом, а 12,9 проценти под кирија, покажуваат податоците на Евростат.

Според последните достапни податоци на Евростат, во 2024 година повеќе од две третини, односно 68 проценти од населението што живее во домаќинствата во Европската Унија, поседувало сопствен дом. Ова претставува благ пад во однос на 2023 година, кога сопствен дом имале 69 проценти од населението. Преостанатите 32 проценти живееле во изнајмени станови, што е зголемување во однос на 31 процент една година претходно.

Највисок удел на сопственост на домови на ниво на Европската Унија е забележан во Романија со 94 проценти, по што следуваат Словачка со 93 проценти и Унгарија со 92 проценти.

Поседувањето сопствен дом е почесто во сите земји членки на ЕУ, освен во Германија, каде што преовладува изнајмувањето – 53 проценти од населението живее под кирија. По Германија следуваат Австрија со 46 проценти и Данска со 39 проценти закупци.

За Македонија и за земјите од регионот, последните достапни податоци на Евростат се од 2023 година. Тие покажуваат дека најголем дел од населението живее во сопствен дом: во Албанија 95,5 проценти, во Хрватска 91,2 проценти, во Србија 89,9 проценти, во Македонија 87,1 процент, во Бугарија 86,1 процент и во Грција 69,6 проценти.

Под кирија, во 2023 година, најголем дел од населението во регионот живеел во Грција со 30,4 проценти, потоа следуваат Бугарија со 13,9 проценти, Македонија со 12,9 проценти, Србија со 10,1 процент, Хрватска со 8,8 проценти и Албанија со 4,5 проценти.